Земјата руши глобални рекорди за топлина | „Периодот во кој моментално живееме веројатно ќе биде најтоплиот во последните 100.000 години“

121

Неуспехот да се намалат овие емисии ќе продолжи да го поттикнува затоплувањето на планетата, што ќе резултира со поинтензивни суши, пожари, топлотни бранови и обилни врнежи.

Службата за мониторинг на климатските промени на ЕУ, Copernicus, во вторникот објави дека овогодинешниот март бил најтопол досега, ставајќи крај на 10-месечната серија во која секој последователен месец поставува нов температурен рекорд, при што температурите на површината на морето достигнуваат нов апсолутен месечен рекорд за глобалнa морска температура.

Секој од последните десет месеци е рангиран како најтопол некогаш забележан во светот во споредба со соодветниот месец во претходните години, според Месечниот билтен на Copernicus.

Прогноза за поплави

Така, не само десеттиот последователен месец го собори сопствениот топлотен рекорд, туку и „глобалната просечна температура во последните 12 месеци е највисока досега забележана“ и го надминува прединдустрискиот просек за 1,58°C поради децениските емисии на стакленички гасови, чиј ефект од средината на 2023 година, особено е нагласен со феноменот El Niña, рече Samantha Burgess, заменик-шеф на Службата за климатски промени Copernicus.

  • Тоа е долгорочен тренд со исклучителни рекорди за кои сме многу загрижени, рече Burgess, додавајќи дека следењето и „проучувањето на ваквите записи месец по месец навистина ни покажува дека нашата клима многу брзо се менува“.

Сетот на податоци на Copernicus датира од 1940 година, а научниците го споредија со други релевантни податоци за да потврдат дека минатиот месец бил најтоплиот март од прединдустриското време.

2023 година веќе е најтоплата година на планетата според светските рекорди кои постојат од 1850 година.

Екстремните временски услови и исклучителните температури направиле хаос на глобално ниво оваа година. Сушата предизвикана од климатските промени во дождовните шуми на Амазон меѓу јануари и март поттикна рекорден број шумски пожари во Венецуела, додека сушата во јужна Африка ги уништи посевите и остави милиони луѓе да се соочат со глад.

Рекордно затоплување на површината на морето

Burgess рече дека податоците за морињата и океаните се „не помалку шокантни“, бидејќи новиот глобален рекорд на температурата на површината на океаните поставен во февруари е повторно срушен во март.

Океаните покриваат 70 отсто од планетата и ја одржуваат површината на Земјата погодна за живеење, апсорбирајќи 90 отсто од вишокот топлина произведена од загадувањето со јаглерод диоксид што произлегува од човековата активност од почетокот на индустриската ера.

Научниците минатиот месец предупредија дека затоплувањето на океаните на јужната хемисфера ќе доведе до масовно белење на коралите и дека тоа може да биде најопасно во историјата на планетата.

Примарната причина за исклучителната топлина се емисиите на стакленички гасови предизвикани од човекот, се вели во билтенот на Copernicus.

Други фактори кои влијаат на зголемувањето на температурата се El Niña, природен метеоролошки феномен поврзан со затоплувањето на површинските води на источниот екваторијален Тихи Океан, кое се случувало циклично во период од три или осум години.

El Niña го достигна својот врв во декември и јануари и сега слабее, што може да помогне да се прекине жешката серија кон крајот на годината.

Потоплите океани значат повеќе влага во атмосферата. Научниците велат дека воздухот генерално може да задржи околу седум проценти повеќе водена пареа за секој Целзиусов степен на пораст на температурата.

Ова резултира со сè понепредвидливи временски услови, како што се жестоки ветрови и обилни дождови.

„Знаеме дека периодот во кој живееме сега веројатно ќе биде најтоплиот во последните 100.000 години“, рече Burgess.

И додека се уриваат климатските рекорди, научниците расправаат дали екстремните горештини забележани минатата година биле во границите на прогнозата или се работи за нешто сè уште непознато.

Главниот двигател на затоплувањето се емисиите на фосилни горива, според Friederike Otto, климатски научник од Grantham Institute на Imperial College London.

Неуспехот да се намалат овие емисии ќе продолжи да го поттикнува затоплувањето на планетата, што ќе резултира со поинтензивни суши, пожари, топлотни бранови и обилни врнежи, предупреди Otto.