Збогум на дупките ! Научниците развиваат асфалт кој сам се поправа

645

За време на лабораториски експерименти, научниците успеале да ги „залечат“ микропукнатините во новиот напреден асфалт за помалку од еден час.

Британски научници од University of Swansea and the King’s College во Лондон ги здружија силите со научници од Чиле и создале нов вид асфалт кој може да ги поправа сопствените пукнатини, без потреба од човечка интервенција.

Пукнатините кои настануваат поради распаѓање на битуменот, лепливиот материјал во асфалтната смеса, со текот на времето се шират и се претвораат во дупки кои можат да ја нарушат безбедноста во сообраќајот и да предизвикаат оштетување на возилата.

Сепак, научниците откриле како да го спречат создавањето на пукнатини и развиле метод за „закрпување“ на асфалтот доколку навистина се појави пукнатина. Ова ќе создаде побезбедни, потрајни и одржливи патишта.

Тие го објавиле своето откритие во списанието Digital Discovery.

За да создадат „само-лекувачки“ асфалт, научниците се обратиле за помош на вештачката интелигенција, користејќи ја за проучување на органските молекули во битуменот. Тие ја „рафинирале“ вештачката интелигенција и развиле нов модел за забрзување на симулацијата на атомизација, а со тоа го забрзале истражувањето за оксидација и пукање на битуменот.

Откако утврдиле како се појавуваат пукнатините, следниот чекор бил асфалтот да се „самолекува“. Тие го постигнале ова со инкорпорирање на ситен порозен материјал, познат како спори. Потенки од прамен коса, спорите се полни со рециклирани масла кои се ослободуваат кога ќе се појават првите пукнатини во битуменот, што помага да се запре целиот процес.

За време на лабораторискиот експерименти, научниците успеале да ги „залечат“ микропукнатините во новиот напреден асфалт за помалку од еден час.

Иако „само-лекувачкиот“ асфалт сè уште е во развој, научниците кои работат на него се крајно оптимисти и веруваат дека тој има голем потенцијал за подобрување на инфраструктурата ширум светот, како и помош во борбата за одржливост.

Во нашето истражување сакавме да ги имитираме лековитите својства забележани во природата. На пример, кога ќе се исече дрво или животно, нивните рани природно зараснуваат со текот на времето, користејќи ја сопствената биологија. Создавањето асфалт што може сам да се лекува ќе ја зголеми издржливоста на патиштата и ќе ја намали потребата луѓето да ги пополнуваат дупките. Ние исто така користиме одржливи материјали во нашиот нов асфалт, вклучително и отпад од биомаса. Ова ќе ја намали нашата зависност од нафта и природни ресурси. Отпадот од биомаса е достапен локално и насекаде, и е евтин. Производството на инфраструктурни материјали од локални ресурси, како што е отпадот, ја намалува зависноста од достапноста на нафтата, што им помага на оние области во светот кои имаат ограничен пристап до асфалтот на база на нафта, објасни др. Francisco Martin-Martinez, експерт за пресметковна хемија на King’s College во Лондон, кој учествувал во истражувањето.