Нова студија открива дека загадувањето на воздухот може да го зголеми ризикот од фатални крварења во мозокот со месеци по изложеност на фини честички PM2.5 во загадениот воздух.
Загадувањето на воздухот тивко го загрозува здравјето на мозокот со зголемување на ризикот од фатални крварења во мозокот три до шест месеци по врвот на изложеноста.
Ново американско истражување од загадената област Wasatch Front во Јута открива како микроскопските честички во воздухот можат да ги ослабат крвните садови во мозокот, што може да доведе до опасни руптури и крварење. Студија на 70 пациенти хоспитализирани поради аневризмална субарахноидална хеморагија покажа зголемување на мозочните крварења три до шест месеци по врвот на загадувањето на воздухот.
„Откривме дека овие пациенти имале повисоки стапки на руптура на аневризма три до шест месеци по врвот на нивоата на загадување на воздухот“, рече неврохирургот Robert Rennert од Универзитетот во Јута.
Студијата се фокусираше на загадувачи како што се озон, азот диоксид, сулфур диоксид, јаглерод моноксид и PM2.5 (честички помали од 2,5 микрометри), кои предизвикуваат воспаление и оштетување низ целото тело.
Загадувањето на воздухот годишно предизвикува околу 8 милиони смртни случаи низ целиот свет. Гореспоменатиот Wasatch Front, опкружен со планини и езерото Јута, ги заробува овие загадувачи, влошувајќи ја изложеноста.
По прилагодувањето на годишните времиња, температурата и притисокот, имаше значително зголемување на мозочните крварења по високите нивоа на PM2.5 честички. Иако причинско-последичната врска не е докажана, авторите на студијата, која беше објавена во списанието NPJ Clean Air, претпоставуваат дека долготрајната изложеност на загадување ги ослабува крвните садови во мозокот, предизвикувајќи воспаление и оштетување на ДНК.
Потребни се идни студии за тоа како изложеноста на PM2.5 влијае на локалните воспалителни или клеточни промени за подобро да се дефинира оваа поврзаност, предупредуваат авторите на студијата.
Загадувањето, исто така, ги влошува ефектите од екстремната топлина и сериозноста на COVID-19.
Се надеваме дека нашето истражување ќе помогне да се предупредат луѓето за ризиците од загадувањето на воздухот за јавното здравје и да се поттикнат промени, вели Rennert.
Тој препорачува охрабрување на користењето на јавниот превоз, примена на построги дневни квоти за загадување и проширување на финансирањето за истражувања за животната средина, со цел да се намалат овие ризици.
Извор: Science Alert



















