За добро здравје, ништо како прошетките во природа

77

Долгите прошетки може да го подобрат расположението и да ја намалат анксиозноста, но придобивките се најголеми ако се пешачи во природа, според едно ново истражување спроведено во Австрија.

Иако тамошните Алпи се особено убаво место за искачување, каква било енергична прошетка во најблиските шума или парк може да ни ја даде потребната мотивација за да продолжиме да се движиме.

Сите веќе знаеме дека за оптимално здравје треба да се движиме. Но, истражувањата покажуваат дека луѓето ретко вежбаат ако не уживаат во тоа. Вежбањето, за многумина, е како нештата што ги поседуваат: ако нешто не ве радува, обично ќе го отфрлите.

Во последниве години, пишува Њујорк тајмс, многу научници и други експерти го фокусираа вниманието на кусите, интензивни вежби, познати како интервален тренинг со висок интензитет, бидејќи времетраењето е толку кратко што ја намалува веројатноста луѓето да немаат време за вежбање. Но, иако многу луѓе што вака вежбаат се задоволни од краткотрајноста на вежбањето, често велат дека интензитетот не им се допаѓа, што на долг рок може да ги обесхрабри да продолжат.

Така, за новото истражување, објавено минатиот месец во „PLOS One“, истражувачите на Универзитетот во Инсбрук во Австрија испитаа дали ако се вежба на обратен начин — продолжувајќи ја должината на вежбањето и намалувајќи го интензитетот — ќе се зголеми уживањето на луѓето во активноста, со што почесто ќе ја практикуваат.

Со други зборови, истражувачите се запрашале дали долгите, релативно нежни прошетки ќе ги направат луѓето среќни и, ако е така, дали некои видови прошетки се попријатни од другите.

Првата прошетка било пешачењето низ планините над градот Инсбрук со водич. Волонтерите носеле срцеви монитори и им било кажано да се движат со брзо, но не и пренапорно темпо, така што ќе дишат брзо, но ќе можат и да разговараат. Прошетката траела околу три часа.

Друг ден, сите волонтери пешачеле три часа на подвижна лента во фискултурна сала во Инсбрук.

Последниот ден, како контролна сесија, сите седеле околу три часа во заедничка просторија на универзитетот опремена со компјутери, списанија и каучи, каде што можеле да сурфаат или да разговараат и, пред и потоа, да ги проценат своите расположенија.

Планинарењето се покажало дека е, објективно, најнапорно вежбање. Но, интересно, скоро сите учесници рекле дека прошетките на отворено им биле помалку напорни отколку вежбањето во сала.

Волонтерите изјавиле и дека биле порасположени качувајќи се по планината одошто трчајќи на подвижната лента, што покажува дека уживале во прошетката повеќе отколку додека вежбале во сала.

Во исто време, одењето во секој случај им било попријатно отколку седењето, иако прошетките биле долги, вели Мартин Нидермеер, професор по спортски науки на Универзитетот во Инсбрук, кој ја предводел студијата.

Овие резултати може да им значат особено на луѓето на кои краткото, интензивно вежбање не им се допаѓа. Долгите, брзи прошетки можеби ќе им бидат поинтересни, вели тој.