Во УКЦС во Белград се 17 пациенти од пожарот во Кочани, двајца се на механичка вентилација и двајца оперирани

121

Седумнаесет лица повредени во пожарот во Кочани се лекуваат во Ургентниот центар на Универзитетскиот клинички центар на Србија во Белградод кои две се на механичка вентилација, а двајца се оперирани, изјави др Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија при УКЦС, јави дописникот на МИА од Белград.

Стојичиќ нагласи дека пациентите се во добра состојба и постоперативно е без проблеми.

– Нивниот постоперативен тек се одвива без проблеми. Наредната недела веројатно ќе бидат оперирани уште пет-шест пациенти. Имам и добри вести, неколку пациенти веројатно ќе можат да бидат префрлени на одделение бидејќи успешно се опоравува нивната респираторна функција, а раните од изгорениците се такви што не бараат престој на одделението за Интензивна нега – изјави тој за РТС.

Тој наведе дека кај пациенти кои веќе се оперирани, процедурата опфаќа отстранување на девитализирано ткиво и покривање со автотрансплантација, што значи дека нивна сопствена кожа се зема од други региони и се пресадува на изгорените места.

На еден пациент ќе му биде извршена нова операција за околу пет денови (на другата рака).

Според него, за оние на кои им претстои операција, нема да бидат потребни донатори на кожа.

Што се однесува до опоравувањето на оние кои биле оперирани, Стојичиќ истакна дека конечниот резултат обично се забележува за 14 дена, а потоа следи фаза на опоравување со помош на физикална медицина.

Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!

Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.