Дека квалитетната музика никогаш не губи од актуелност и нејзините вечно зелени песни секогаш со задоволство се прифатени од публиката, доказ ќе биде и unplugged концертот на петмината познати македонски кантавтори, што ќе се одржи на 6 декември во Скопје.
Во интимниот амбиент на поткровјето на „Дневна соба“ (Public Room) повторно ќе прозвучат бевременските хитови на петтемина фантастични македонски музичари: Јаков Дренковски, Аљоша Симјановски, Џина Папас – Џокси, Жаклина Стевковска и Александар Стефановски – Јаблан.
Веќе се во тек пробите за оваа незаборавна дружба на драги пријатели и колеги, кои во изминатите 40 и кусур години заедно чекореле на македонската музичка сцена.
Иницијатор за концертот е Џина Папас Џокси, а искрено се надеваме дека оваа музичка приказна нема да запре тука, туку ќе продолжи и во други градови во земјава.
Тој ќе настапи заедно со Александар Стефановски-Јаблан, познат македонски музичар, кој бил член на групите „Триангл“, „Багаж“, „Меморија“…, а заедно со Џоски членувал во нивниот акустичарски бенд „Макакус“, што е кратенка од Македонски Акустичари.
Меѓу петте гитари што ќе ги слушнеме на концертот ќе биде и онаа на Жаклина Стевковска, позната македонска глумица, членка на театар „Комедија“. Таа се уште е доста активна и на музички план и секој петок настапува во кафулето „Тесла“, во близина на Машински факултет во Скопје.
На концертот свој настап со гитара, но и на клавир ќе има Аљоша Симјановски, кантавтор, режисер, а периодов и колумнист во весникот „Нова Македонија“.
И Јаков Дренковски со задоволство ја прифати поканата да биде дел од овој редок музички настан.
На крајот на концертот сите заедно ќе ја испеат песната „Скитник“, која е негов заштитен знак и химна на многу генерации, која досега доживеа повеќе верзии.
За Кукурику.Мк, Марија Таушанска „Нова Македонија“