Тивките симптоми на синдром | Најчеста причина за неплодност

183

Синдромот на полицистични јајници е многу комплексна појава која не се манифестира кај секоја жена на ист начин.

Се работи за хормонско нарушување во репродуктивниот систем и резултира често со неплодност. Меѓу причинителите може да биде генетскиот фактор, прекумерната тежина, како и инсулинската резистенција.

Но, исто така, секоја од овие состојби може да предизвика и низа други симптоми и лечењето да се врти во круг.

Прв симптом е изостанувањето на месечниот циклус и промени во големината и волуменот на јајниците. Често на ултразвучни прегледи се забележуваат и недозреани фоликули. Оваа состојба може да предизвика и зголемување на нивото на андрогени хормони кај жените, појава на акни, на влакненца, прескокнување на овулации и неплодност.

Често може да се случи и пациентката да забремени без проблем, но нејзината бременост се води како ризична и мора редовно да оди на контрола поради скриен шеќер, висок притисок, крварења, а постои и ризик за предвремено породување.

Поради нестабилноста на хормоните, можна е и хемиски индуцирана депресија, нарушувања во исхраната и пореметување на спиењето.

Проблемот станува поголем со тоа што тешко се губи телесната тежина, бидејќи нарушен е и метаболизмот. Понекогаш е потребно да се земаат фармацевтски препарати за оваа намена, со цел лечењето да биде поуспешно, особено ако пациентката се обидува да забремени.

Во исхраната треба да се внесе повеќе овошје и зеленчук, да се пијат билни чаеви, а да се избегнува процесирана храна, особено сувомесни производи и индустриски десерти. Вклучете и мешунки и јатки, а интегралните житарици и семињата внесувајте ги ограничено.

Важно е да внесувате храна богата со омега 3 масни киселини, како и немасно месо и нискомаслени млечни производи.

Секако, неизбежна е и физичката активност.