Балансираната исхрана е најважната состојка за здрав животен стил. Но, доколку се борите со вишок килограми подолго време, сигурно се прашувате како е возможно и да уживате во храната и истовремено да останете витки и сити?
Но, со сите научни истражувања и можности во денешно време, знајте дека немате никаква потреба од страдање и гладување со ригорозни диети.
И покрај тоа што главните принципи на здрав живот и понатаму остануваат во игра (внимавање што се јаде, да се пие многу вода во денот и да се консумираат мали оброци 5-6 пати дневно) постои и разна суперхрана и фитнес трикови, коишто ќе ви помогнат да се изборите против тврдоглавите вишок килограми и да ја одржите вашата форма.
Еве за кои намирници станува збор:
Боровинки
Овие бобинки се огромен извор на витамини и минерали, но нивната најважна состојка е урзолинската киселина, којашто придонесува за раст на мускулите, согорување на мастите и забрзување на метаболизмот.
Воедно, боровинките имаат улога на природен антибиотик, којшто телото го чува како залиха долго време. Благодарение на нивната голема киселост, боровинките може да ви послужат и како природен конзерванс за јадења. Со цел да му помогнете на вашиот метаболизам да се забрза, препорачливо е да ги консумирате боровинките свежи или природно сушени, без додаток на адитиви. Една шака на ден е сосема доволно.
Чиа семе
Чиа семето содржи големи количества Омега-3 и Омега-6 масни киселини, како и протеини, влакна и јаглехидрати. Кога чиа семињата ќе дојдат во контакт со течност, тие се зголемуваат во волумен за 12 пати и се претвораат во желе. Еден грам чиа семе може да апсорбира 25 мл течност, што значи дека многу мали количества од него, можат да ве одржуваат сити подолг временски период. Исто така, желето настанато од чиа семето формира слој од слуз на внатрешните ѕидови од стомакот, а како резултат на тоа апсорбирањето на јаглените хидрати во организмот е значително забавено.
Авокадо
Благодарение на огромното количество хранливи материи, авокадото е едно од најздравите овошја во светот. Тоа е богато со Л-карнитин и природни аминокиселини, од фамилијата на Б-витамини. Ова овошје има бројни антиоксидативни својства, коишто се погодни за забрзување на метаболизмот. Авокадото е многу богато и со мононезаситени и олеински масни киселини, кои се познати по намалување на абдоминалните масти.
Пченични никулци
За разлика од преработените типови пченица, пченичните никулци, содржат многубројни елементарни хранливи материи и големо количество хранливи влакна. Доколку додадете пченични никулци во вашето утринско смути или во муслито, тоа ќе ви овозможи значително да го зголемите дневниот внес на прехранбени влакна, коишто ќе ве држат сити долго време.
Леќа
Леќата е друг добар пример за храна со низок гликемичен индекс. Таа бавно се вари, што овозможува да се чувствувате сити долго време и го намалува чувството на стрвост. Леќата исто така е и богат извор на растителен протеин, што значи дека е одличен избор за вегетаријанци и вегани.
Брокула
Брокулата е исто така одличен зеленчук кој придонесува за намалување на телесната тежина, бидејќи содржи исклучително мал број калории, а многу хранливи влакна. Влакната апсорбираат вода и се зголемуваат во волумен, поради што ќе се чувствувате сити подолг временски период и варењето ќе ви се забави.
Масна риба
Без разлика која риба ја преферирате – туна, сардина или лосос, масната риба содржи екстремно големи количества Омега-3 масни киселини, а тоа е директно поврзано со развојот на поздрави клетки, коишто се способни многу поефикасно да ги процесираат шеќерите и мастите во нашиот организам.
Јајца
Одамна е познато дека јајцата се суперхрана, којашто е богата со протеини и повеќе од 20 есенцијални витамини, минерали и антиоксиданси. Јајцата се одлична храна која ги одржува нашите клетки здрави, а истражувања имаат откриено дека ако ги консумирате за појадок, ќе ги одржувате нивоата на инсулин под контрола. Инсулинот е хормон којшто ги контролира мастите во нашиот метаболизам.
Кафе и чај
Истражувањата покажуваат дека кофеинот во кафето и чаевите можат да го забрзаат метаболизмот, а со тоа и да помогнат во намалувањето на тежината. Секако, тоа не значи дека треба да ги консумирате во прекумерни количини.