Скриениот непријател во воздухот ! Колку микропластика навистина дишеме секој ден?

860

Микропластиката е насекаде, во домовите и автомобилите. Секој ден вдишуваме илјадници невидливи честички кои можат да ги оштетат нашите бели дробови и здравјето.

Возрасните вдишуваат околу 68.000 микропластични честички дневно само од воздухот во затворен простор, што одговара на околу три до четири микропластични честички по здив, според ново истражување објавено во PLOS One од француски научници. Таа проценка е 100 пати поголема од претходните бројки кои вклучуваа само поголеми честички.

Големата разлика во резултатите доаѓа од употребата на Раманова спектроскопија, техника способна за откривање честички со големина помеѓу 1 и 10 микрометри. Претходните истражувања беа ограничени на честички поголеми од 10 микрометри и со тоа ги занемаруваа помалите фрагменти.

Здравствените ефекти од вдишувањето микропластика би можеле да бидат позначајни отколку што сфаќаме, истакнуваат авторите на споменатата студија.

Француските научници собрале примероци од воздух од три стана во Тулуз и од два автомобила додека возеле. Иако анализирале само 16 примероци поради процесот што одзема многу време (анализата на еден квадратен милиметар филтер траела 14 часа), резултатите откриле невидено ниво на детали. Околу 97% од честичките биле неправилни фрагменти од микропластика, а 94% биле со големина помеѓу 1 и 10 микрометри.

Остра разлика во воздухот во домовите и автомобилите

Воздухот во затворен простор содржел околу 528 микропластични честички на кубен метар, додека ентериерите на автомобилите имале дури 2.238 честички на кубен метар, или четири пати повеќе.

Во домовите, доминирал полиетиленот, пластичен материјал што се користи за пакување храна и кеси, со удел од 76%. Во автомобилите, преовладувале полиамидот и другите материјали од ентериерот. Вибрациите, топлината и УВ зрачењето го забрзуваат разградувањето на овие материјали во честички што можат да се вдишат.

Скриени ризици

Честичките помали од 10 микрометри можат да навлезат длабоко во белите дробови, па дури и да влезат во крвотокот. Овие пластични фрагменти често содржат токсични адитиви или апсорбираат штетни загадувачи на животната средина. Откако ќе се наталожат во ткивата, тие можат да ги ослободат овие супстанции, да се мешаат во хормоналните функции или да го зголемат ризикот од рак.

Претходните студии на работници покажале дека оние вработени во индустријата за синтетички влакна, како што е текстилната индустрија, имаат три пати поголема веројатност да развијат рак на белите дробови.

Глобален проблем, а не изолиран случај

И покрај различните методологии и локации, светските студии покажуваат слична дистрибуција на микропластика во затворени простори. Иако ова ново истражување не вклучува нанопластика (помалку од 1 микрометар), моделите предвидуваат милиони такви честички на кубен метар.

Сите овие откритија поставуваат итно прашање, колку микропластика можат безбедно да се справат нашите организми кога поминуваме 90% од нашето време во затворен простор?

Извор: StudyFinds