Скандалозната Штафета на младоста 1987 | Последен носител Рајмонда Брошај од Гњилане

327

Многумина сметаат дека одбележувањето на Денот на младоста го најави распадот на Југославија, а последното носење на штафетата од Триглав до Вардар ја следеле неверојатни ситуации. Се започна со штафетата во облик на фалус и со копија на нацистичкиот постер …

Од временско растојание од околу четвртина век, многумина ја наоѓаат симболиката во одредени настани кои претходеле на распадот на Сојузна Федеративна Република Југославија. Државата чијшто ‘рбет се потпирал на култот на Јосип Броз, не живеел многу “во здравје” по смртта на колку фалениот, толку и оспоруваниот југословенски лидер.

Секој 25. мај се сеќаваме на слетот, штафетата и Денот на младоста, но се сеќаваме и на неговиот неславен крај, кој се чинел дека го трасирал патот и го напишал сценариото за „разводот“ на ЈУ бракот. Иако Тито починал во 1980. година, Штафета на младоста продолжила да минува од рака во раце на милиони млади луѓе од Триглав до Гевгелија, само под едно поинакво име “И по Тито – Тито”, со заклетва на Југословените дека ќе истраат на неговиот пат.

Скандалите што ги следеле подготовките за Денот на младоста во 1987. година и последната Штафета на младоста и денес се прераскажуваат со неверување.

Се започнало со победата на дизајнерското студио Нов колективизам од Љубљана на тогашниот сојузен конкурс за идејното решение на штафетата и постерот за Денот на младоста.

Нивниот постер бил копија на нацистичкиот постер на Германецот Рихард Клајн, на кој е прикажан ариевец како држи знаме со кукаст крст. Него го замениле со петокрака, а знамето со југословенска тробојка, додека останатите симболи на Третиот Рајх биле отстранети, а на местото на германскиот орел нацртале гулабица.

Според зборовите на еден од уметниците, Роман Урањек, на генералите и другите претставници на тогашниот еднопартиски режим им се допаднал нивниот постер.

“Нашиот постер за Денот на младоста е автентичен ретроавангардизам. Тоа е цитат, но нашите цитати никогаш не се во чиста форма. Ние би ја поврзале нацистичката уметност, на пример, со руската авангарда, или со социјалниот реализам – во секој случај со нешто сосема различно во пристапот. На плакатот за Денот на младоста го поврзавме Рихард Клајн со елементи од Триглав до Плечник, го комбиниравме сето тоа во согласност со нашиот јазик на изразување, и тоа предизвикало параноична реакција на тоталитарната култура”, рече Урањек, додавајќи:

“Се сеќавам многу добро дека еден генерал изјави дека е радосен што има еден мускулест млад човек на плакатот, а не некоја апстракција. Навистина им се допадна и се идентификуваа со него. Но, кога беше откриена референцата, се појавија проблеми”.

А проблемите започнале кон крајот на февруари 1987. година, кога читател на белградска “Политика”, инженер Никола Грујиќ, испратил писмо до весникот во кое предупредува за сличноста помеѓу нацистичкото дело на Клајн и плакатот на Новиот колективизам.

Од друга страна, штафетата била направена во форма на купа, со осум прстени, кои ги симболизирале републиките и покраините. Купата требала да стои на држач во кој се наоѓала видео касета со порака, држачот требал да се потпира на четири ногарки, а целата композиција требала да застане на постамент во форма на СФРЈ. Не само што била непријатна за носење, туку заради тие четири ногарки многу личела на столче. На сите им било неверојатно како авторите не завршиле во затвор.

Сè помалку имало време, а скандалот станувал од поголеми размери. Сепак, немало друг избор освен сè да се направи повторно. И пак е ангажирано словенечко студио, но овој пат Маркетинг дело. Интересно е и тоа што никој од дизајнерскиот тим не одговорал поради провокативниот постер, а фамозниот читател на Политика, Никола Грујиќ, никогаш повеќе не се огласил во јавноста.

Новиот постер, со ѕвезда петокрака и зелен лист, бил под голема лупа на јавноста, па и на него била забележа провокација. Забелешките биле различни: дека ѕвездата со пет крака е на страна, дека е помала од листот, дека бојата на листот личела на домобранската зелена, дека е листот намерно свртен надолу, дека личи на плакатот “Словенија, мојата земја” …

А да не зборуваме за штафетата на Владимир Пездирац! Таа беше направена од пластика, што беше преседан, бидејќи претходните биле изработени претежно од скапоцени материјали. Залудно, уметниците се обидувале да објаснат дека пластиката го симболизира футуристизмот. А на “нож” беше дочекан и фактот што на врвот на штафетата стојат осум црвени точки. Некои го толкуваа тоа како закана дека ќе тече крв низ југословенските републики и покраини, додека други коментирале дека пластичната штафета со црвени “капки” изгледа како обична епрувета. Можеби најблиску до вистината биле оние кои, заради тоа што во неа била вградена диода која емитувала светлина и спорните точки блескале, ја споредувале со штафета-играчка.

Но, времето истекувало, а тензијата била толку голема што полека сè почнало да го губи своето значење. Штафетата тргнала од Триглав, откако десет алпинисти на 21. март едвај ја развиле државната тробојка, поради лошите временски услови.

Неславниот почеток не можел да има ништо подобар крај. Врвот на манифестацијата, слетот на стадионот ЈНА во Белград со наслов „Вклучете ја светлината“, го изведоа 5.500 учесници. Имало и проблеми со сценариото затоа што, меѓу другото, песната на Ѓорѓе Балашевиќ “Стариот оркестар” асоцирала прозивка на сметка на колективното претседателство на СФРЈ.

Последен носител на штафетата е Рајмонда Брошај, ученик од петто одделение во Основното училиште “Вук Караџиќ” од Гњилане. Рајмонда ја предаде штафетата на претседателот на Претседателството на Сојузната социјалистичка младина на Југославија, Хашим Реџепи, а пред тоа порача: “По патот на Тито, заедно можеме да сториме сè”.

Се заиграло и последното Козарачко коло. Штафетата пристигнала и на рок концерт во салата Пионир, пречекана со громогласен аплауз и музика од групите Леб и сол, Џакарта, Зана, Валентино…

Целиот случај фрлил голема сенка не толку заради “нацистичкиот” постер, туку заради реакцијата која со својата ригидност го уништила секој кредибилитет на Денот на младоста. Следната, 1988. година, штафетата била укината. На стадионот ЈНА бил одржан уште еден слет, за една година подоцна, СКОЈ како организатор целосно се откажал од овој традиционален настан.