ХАШИМ ТАЧИ | Од униформа на УЧК, преку претседателска фотелја до обвинителна клупа за воени злосторства!

153

Хашим Тачи, против кого Специјалното јавно обвинителство во Хаг денеска поднесе обвинение за злосторства извршени во Косово, би можел да се соочи со судење две децении откако беа извршени злосторствата за кои се товари.

Актуелниот претседател на Косово, за време на конфликтот во Косово во 90-тите години, беше еден од водачите на таканаречената Ослободителна војска на Косово (УЧК), пишува српски „Блиц“.

ОБРАЗОВАНИЕ

По завршувањето на додипломските студии на Филозофскиот факултет во Приштина, своето образование го продолжил на Универзитетот во Цирих, каде што, според достапните податоци на Интернет, се приклучил на политичката емиграција на косовските Албанци и го основал Народното движење на Косово.

Се верува дека оваа организација ја формирала т.н. Ослободителна војска на Косово.

УЧК

На почетокот на 1993 година, Тачи стана член на тесниот круг на таканареченото раководство на Ослободителната војска на Косово и нејзините активности беа ограничени на вооружување на косовските Албанци во Косово и Метохија.

Тој беше командант на Оперативната зона на УЧК во Малишева, потоа член на групата Дреница, основана од Адем Јашари и во тие години учествуваше во разни напади врз полицијата на Косово.

ОСУДЕН ЗА ТЕРОРИЗАМ

Окружниот суд во Приштина го осуди во отсуство на 10 години затвор, за терористички активности што ги спроведуваше УЧК, за него беше распишана потерница следната година, а во 2003 година беше продолжена поради сомневање дека извршил геноцид.

„ГЛАСОТ НА РАЗУМОТ“ ВО ПРЕГОВОРИТЕ

И покрај пресудата, Тачи беше дел од преговарачкиот тим на косовските Албанци за време на разговорите во Рамбује во 1999 година, а западните дипломати го видоа како „единствениот глас на разумот“ во рамките на УЧК, бидејќи тој покажа подготвеност да ја прифати автономијата на Косово во рамките на Србија, за разлика од останатите бунтовнички лидери кои го отфрлија секој предлог што не подразбира независност.

Според некои наводи, кои, поради недостаток на докази, никогаш не се претвориле во кривична пријава, Тачи е длабоко поврзан не само со воени злосторства, туку и со голем број кривични дела.

ХЕРОИН

Така, во времето кога тој бил лидер на УЧК, „Вашингтон пост“ објави текст во кој се вели дека УЧК се финансира со пари стекнати преку шверц на хероин и кокаин во Западна Европа.

ПОЛИТИЧКИ ЛИДЕР

Од 1994 до 1999 година, тој беше политички лидер на УЧК, а после тоа стана претседател на ДПК.

Во 2001 година, ДПК претрпе голем пораз на првите независни избори, а странските аналитичари го протолкуваа овој пораз како последица на расправијата меѓу политичките лидери и врвните криминални организации што произлегоа од поранешното раководство на УЧК.

ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ

Според тајниот извештај на германската разузнавачка агенција (БНД), кој подоцна беше објавен, денешните политички лидери Хашим Тачи и Рамуш Харадинај се вклучени во организиран криминал не само во Косово, туку и во поширокиот простор на Југоисточна Европа.

Во тој извештај, БНД го наведе Тачи како шеф на криминалната мрежа што оперира низ целото Косово.

ТРГОВИЈА СО ОРГАНИ

Во извештајот поднесен до Советот на Европа од Дик Марти на 15 декември 2010 година се наведува дека Тачи бил водач на групата Дреница, која извлекувала органи од српски затвореници и ги продавала на црниот пазар.

Би-Би-Си тогаш објави дека тие дошле до нацрт-документот на Советот на Европа во кој се споменува името на Тачи дури 27 пати. Според нивните извештаи, поранешните команданти на УЧК, вклучително и Тачи, се осомничени за сериозни кршења на човековите права, вклучително и трговија со дрога и човечки органи.

Сепак, во 2011 година, Дик Марти се дистанцираше од сè што објавија медиумите и изјави дека неговиот извештај никогаш не го вклучувал директно Хашим Тачи.

ПРВ ПРЕМИЕР

ДПК на Тачи оствари убедлива победа на изборите во 2007 година, а следната година Косово еднострано ќе добие независност од Србија, а Тачи ќе стане првиот премиер на самопрогласената држава.

АКТУЕЛЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ

Тачи на премиерската позиција остана до 2014, а во февруари 2016 пратениците од косовското Собрание го избраа за претседател на Косово во времетраење од пет години.

Тој ја извршува функцијата претседател на Косово од 7 април 2016 година.