Сакате вашите рани да заздрават побрзо ? Сексот може да помогне, тврдат швајцарските научници

960

Сексот, прегратките и допирот, во комбинација со окситоцин, покажаа дека го забрзуваат заздравувањето на раните кај партнерите, го намалуваат стресот и го зајакнуваат имунитетот, откривајќи силна врска помеѓу љубовта и телото.

Може ли љубовта навистина да го излекува телото? Ново истражување од научниците на швајцарскиот Универзитет во Zürich покажува дека физичката блискост, кога е поврзана со окситоцин, хормон поврзан со приврзаност, може да го забрза заздравувањето на раните.

Окситоцинот, честопати наречен „хормон на љубовта“ или „хемикалија на прегратката“, е познат по стимулирање на контракциите на матката и лактацијата, како и по зајакнување на емоционалните врски. Претходните истражувања покажаа дека може да го забрза заздравувањето на оралните чиреви (мала рана или чир на слузницата на устата), веројатно поради неговиот антиинфламаторен ефект.

Beate Ditzen и нејзините колеги на швајцарскиот универзитет проучувале дали окситоцинот може да објасни зошто конфликтот меѓу партнерите го забавува заздравувањето на раните. Во студијата учествувале 80 здрави хетеросексуални парови, со просечна возраст од 27 години, на кои им биле направени четири мали рани на подлактиците со помош на уред за вшмукување.

Комбинацијата е важна

Во текот на една недела, паровите биле поделени во четири групи кои различно комбинирале спреј со окситоцин или плацебо, со или без „Задача за благодарност на партнерот“ (PAT), односно кратки вежби за благодарност што се изведуваат до три пати неделно. Нивното истражување е објавено во списанието JAMA Psychiatry.

Резултатите покажале дека ниту спрејот со окситоцин ниту PAT независно не го забрзале заздравувањето. Сепак, нивната комбинација, особено кај паровите кои покажале физичка нежност или имале секс во текот на неделата, донела значително побрзо закрепнување. Овие учесници, исто така, имале пониски нивоа на кортизол, хормон на стрес што може да го ослабне имунолошкиот систем.

„Гледаме подобрено заздравување на раните во групата што ја комбинирала интеракцијата на PAT со окситоцин. Сега знаеме дека имаме навистина силна индикација дека окситоцинот делува како фундаментален механизам што ги посредува ефектите од позитивната интеракција меѓу паровите“, изјави Ditzen за New Scientist.

Мислења на независни експерти

Daryl O’Connor од британскиот универзитет во Leeds, кој не беше вклучен во истражувањето, изјави за New Scientist дека резултатите сугерираат дека комбинирањето на примената на окситоцинот со позитивно релационо однесување може да го подобри физичкото закрепнување.

Anna Whittaker од Британскиот универзитет во Стирлинг, која исто така не учествуваше во истражувањето, додаде за истиот портал дека поголема доза на окситоцин може да донесе слични придобивки, особено кај постарите лица со послаб имунитет.