САД објавија нови препораки за патување | Македонија во првата категорија

851

Американскиот Стејт департмент ги објави и ажурираше најновите препораки за безбедност при патување за земјите низ светот, со цел да им обезбеди на американските граѓани релевантни информации за ризиците при меѓународни патувања.

Во пресрет на 2026 година, земјите се категоризирани во четири нивоа на предупредување, врз основа на повеќе безбедносни фактори, меѓу кои криминал, тероризам, граѓански немири, здравствен систем, ризик од природни катастрофи и актуелни политички и општествени случувања. Класификацијата е пренесена и анализирана од магазинот Newsweek.

Прва категорија – Преземете вообичаени мерки на претпазливост

Ова е најниското ниво на предупредување. Во оваа категорија е вклучена и Македонија, заедно со земји како Австралија, Австрија, Бугарија, Канада, Чешка, Финска, Грција, Јапонија, Норвешка, Полска, Португалија, Швајцарија, Јужна Кореја, Нов Зеланд и други.

Одредени земји формално се наоѓаат во оваа категорија, но се означени како дестинации со повисок безбедносен ризик. Меѓу нив се Аргентина, Грузија, Парагвај, Сенегал и Хрватска.

Втора категорија – Внимавајте дополнително

За земјите во оваа категорија се препорачува зголемена претпазливост при патување. Тука се вклучени Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Италија, Германија, Франција, Шпанија, Обединетото Кралство, Холандија, Обединетите Арапски Емирати, Јужна Африка и други.

Дел од земјите во оваа група се означени како високоризични, меѓу кои Алжир, Боливија, Бразил, Камерун и Саудиска Арабија.

Трета категорија – Размислете повторно за патувањето

За овие дестинации се препорачува внимателно преиспитување на одлуката за патување. Во третата категорија се вклучени Гвинеја-Бисао, Гвајана, Непал, Никарагва, Танзанија, Тринидад и Тобаго и Уганда.

Како земји со особено зголемен ризик во ова ниво се наведуваат Чад, Колумбија, Етиопија, Нигерија, Пакистан и други.

Четврта категорија – Не патувајте

Во оваа категорија се земјите за кои Стејт департментот советува целосно избегнување на патувања поради сериозни закани за личната безбедност. Тука спаѓаат Авганистан, Белорусија, Мјанмар, Централноафриканска Република, Иран, Ирак, Либија, Мали, Нигер, Русија, Сомалија, Јужен Судан, Судан, Сирија, Украина и Венецуела.