Размислувате за потомство ? Еве што е важно да знаете однапред

635

Доколку планирате да имате деца, грижата за здравјето не започнува во моментот на зачнувањето.

Напротив, подготовката започнува многу порано и опфаќа повеќе од репродуктивното здравје. Научниците предупредуваат дека изложеноста на штетни супстанции, како микропластиката, може да има далекусежни последици – не само за идните родители, туку и за нивните деца.

Истражувачи од Универзитетот во Калифорнија, Риверсајд, спровеле студија која покажала дека изложеноста на микропластика кај татковците може да предизвика метаболички нарушувања кај нивното потомство. Студијата е објавена во списанието Journal of the Endocrine Society и укажува дека микроскопските пластични честички, кои настануваат со распаѓање на пластиката, имаат значително влијание врз здравјето – вклучувајќи го и здравјето на следната генерација.

Според наодите, изложеноста на микропластика е поврзана со зголемен ризик од метаболички нарушувања, како покачен крвен притисок, висок шеќер во крвта и зголемена телесна маса. Во рамки на експериментот, глувците биле хранети со храна богата со масти, со цел да се имитира нездрав начин на исхрана. Потомството на машките глувци изложени на микропластика покажало поголема склоност кон дебелина.

Интересно е што истражувачите утврдиле дека женските потомци биле значително поподложни на метаболички нарушувања во споредба со потомството на татковци кои не биле изложени на микропластика, иако сите животни биле хранети со иста исхрана.

Професорот Чангченг Џоу, главен автор на студијата и професор по биомедицински науки на Медицинскиот факултет при UCR, истакнува дека точните причини за овие разлики меѓу половите сè уште не се целосно разјаснети. Кај женските потомци биле забележани дијабетични карактеристики, заедно со зголемена активност на проинфламаторни и продијабетични гени во црниот дроб – промени кои не биле присутни кај машките потомци. Дополнително, кај женките била забележана и намалена мускулна маса, како и повисока зачестеност на дијабетес.

Анализата покажала дека микропластиката го менува составот на спермата, особено профилот на малите некодирачки РНК молекули. За разлика од ДНК, овие молекули не го кодираат создавањето на клетки, туку делуваат како регулатори кои можат да „вклучуваат“ или „исклучуваат“ одредени гени.

Ова е прва студија која директно покажува дека изложеноста на татковците на микропластика може да доведе до промени во спермата што се поврзани со метаболички нарушувања кај потомството, нагласува Џоу. Според него, загадувањето со пластика не влијае само на поединецот кој е изложен, туку може да остави и биолошки отпечаток што ја зголемува подложноста на децата кон хронични заболувања.

Иако микропластиката денес е пронајдена речиси насекаде и не може целосно да се избегне, експертите истакнуваат дека изложеноста може значително да се намали. Изборот на природни и непорозни материјали, како дрво, стакло или не’рѓосувачки челик, наместо пластика, е еден од практичните чекори што може да помогне во заштитата на здравјето – и на сегашните и на идните генерации.