ПРВ ПАТ ВО СОВРЕМЕНАТА ИСТОРИЈА | Доаѓа еден сосем нов свет – за кој сè уште не сме подготвени!

222

Ова ќе биде прв пат падот на популацијата да биде предизвикан од намалена плодност, наспроти настани како што се пандемија или глад.

За прв пат во модерната историја, се предвидува падот на глобалното население во следниот век, што носи длабоки промени во начинот на кој луѓето го живеат својот живот, пишува IFLScience.

Во моментов има околу 7,8 милијарди луѓе во светот. Оваа бројка се предвидува да порасне во следните неколку децении и да достигне врв во 2064 година на околу 9,7 милијарди луѓе, пред да се спушти на 8,8 милијарди до 2100 година, според новата студија објавена во The Lancet.

„Последниот пад на глобалното население се случи во средината на 14 век поради чума. Ако прогнозата е точна, ова ќе биде прв пат падот на населението да биде активиран од намалена плодност, за разлика од настаните како што се пандемии или глад“, изјави Stein Emil Vollset водечки автор на студијата.

Се проценува дека приближно 23 земји ќе доживеат пад на населението од над 50 проценти, вклучително и Јапонија, Италија, Шпанија, Португалија, Јужна Кореја и други земји обележани со низок наталитет и стареење на населението. Дури и Кина, земја која често се поврзува со непречен раст на населението, треба да падне од 1,4 милијарди луѓе во 2017 година на 732 милиони во 2100 година.

Раст на населението во Африка

Иако падот на населението е глобален тренд, растот на населението се предвидува во некои делови на светот. Тука спаѓаат Северна Африка, Блискиот исток и – главно – субсахарска Африка, каде населението ќе се зголеми тројно во текот на овој век од 1,03 милијарди во 2017 година на 3,07 милијарди 2100 година.

Една нова студија на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Вашингтон испитува како смртноста, плодноста и миграцијата ќе влијаат на глобалното население во следните 80 години. Тие исто така ги зедоа предвид војните, природните катастрофи и климатските промени што можат да влијаат на бројот на смртни случаи во различни делови на планетата.

Причините за падот на глобалното население се комплицирани и несигурни, иако е нагласен општиот тренд кон понизок наталитет, благодарение на зајакнувањето на жените и пристапот до контрацепција.

„Постојат два клучни фактори: поголем пристап до модерна контрацепција и едукација на девојчиња и жени. Овие фактори влијаат на стапката на плодност – просечниот број на деца што ги родила една жена во текот на животот, што е најголема детерминанта на популацијата, со 2,37 во 2017 година до 1,66 во 2100 година, што е далеку под минималната стапка (2,1 живородени по жена) што се смета за неопходна за одржување на популацијата“, објасни Vollset.

Промени во геополитичката моќ

Исто така, ќе бидеме сведоци на голем број радикални промени во геополитичката моќ и начинот на кој живеат милијарди луѓе. Една од најголемите промени ќе биде во земјите кои доживуваат драматичен пад на бројот на возрасни работоспособни, што може да ги оптовари нивните економии и да го разниша светскиот геополитички баланс на моќ.

Прогнозите велат дека Кина ќе ги престигне САД и ќе стане најголемата глобална економска моќ до 2035 година, но САД ќе треба да се вратат на првото место до 2098 година (ако се вратат).

“Африка и арапскиот свет ќе ја кројат нашата иднина, додека Европа и Азија ќе се повлечат под нивното влијание. До крајот на векот, светот ќе биде мултиполарен, а Индија, Нигерија, Кина и САД доминантни сили. Ова навистина ќе биде нов свет за кој би требало да бидеме подготвени денес“, изјави д-р Richard Horton, главен уредник на The Lancet.