Прифаќање на различности или писмо од една мајка на дете со церебрална парализа

3664

Во современото општество, ние сме опкружени со луѓе кои се одликуваат со различности: етничка припадност, религија, култура, обичаи, образование, физичкиот изглед, ниво на образование, и постојат луѓе со различни нивоа на попреченост и други разлики.

Некои луѓе сакаат да бидат во различни средини, додека другите во таква средина не се чувствуваат многу пријатно. Тоа главно зависи од фреквенцијата на движење помеѓу различните луѓе, од степенот на интеракција со различни луѓе, како и нашите ставови кон разликите. Важно е да се знае дека ставовите на родителите во голема мерка влијаат на ставовите кај децата додека растат.

Што е толеранција? Толеранцијата е почитување, прифаќање и разбирање на богатата разновидност на нашите култури, обичаи, навики, образование, начинот на изразување … Толеранцијата е хармонија во разликата. Да се биде толерантен не значи и толерирање на социјалната неправда или напуштање или пак ослабување на верувањата на другите луѓе. Спротивно на тоа, да се биде толерантен значи да се биде слободен,тоа значи да се прифати фактот дека човечките суштества, природно различни во нивниот изглед, вештини, околини, говор, однесување и вредности имаат право да живеат во мир и да бидат такви какви што се. Толеранција, не значи да се наметнат своите ставови на другите. Поимот различни, не значи полоши, туку различни. Да се види разликата но да се види како позитивна!

Зошто треба да се охрабри толеранцијата помеѓу децата? Толерантно или нетолерантно однесување не е вродено, туку тоа се учи, исто и емпатијата која е подлогата на толеранцијата (разбирањето на другите и емоционална емпатија на нивната ситуација, состојба или проблем), морални вредности, знаења за основните човекови права и основни сличности, кои постојат меѓу луѓето. Така што, нашите деца за да можат да имаат успешна иднина, потребно е да им се дозволи да соработуваат со другите, различните од нив. Вие не треба да се плашите да ги пуштите децата да излезат од вашата/нивната удобна зона, зошто само така тие ќе мора да научат да ги разберат, почитуваат и ценат другите и поинаквите. Ако сакаме нашите деца да се чувствуваат безбедно и опуштено во различни животни околности, важно е да се развива и поттикнување на отвореност кон прифаќање на различноста.

Што треба да направат родителите за да ги научат децата на толеранција? Родителите се модели за своите деца а моделот на учење е од суштинско значење. За децата треба да се создаде средина, атмосфера, каде што ќе се негува она што е позитивно и поинакво, посебно.

Размислете за начинот на кој комуницирате или раскажувате за други луѓе. Дали е тоа одраз на толеранција? Не е, па затоа покажете почит за другите пред вашите деца и тие набрзо ќе го усвојат овој начин на однесување. Децата слушаат и учат од родителите. Се разбира дека е потребно да се зборува со децата за разликите меѓу луѓето, но на учтив начин, да покажат почит кон нешто што е различно од она што детето го гледа само во својот дом.

Ќе се задржам малку за различностите од здраствени причини, т.е. да им објасните на децата дека меѓу нив има и други деца, кои се поинакви на ваков или онаков начин. Едни не гледаат, други не можат да слушаат, трети не можат да одат, да зборуваат, со еден збор за децата со посебни потреби.

Доколку сте ги научиле на толеранција, емпатија и разбирање на различностите во светот, нема да имаат никакви проблеми со прифаќањето на децата со посебни потреби. Но доколку не, сигурно ќе се плашат од нив, ќе ги избегнуваат или ќе ги исмејуваат (во најлош случај) а тоа другите ќе ги боли. Замислете некој да го исмејува или чудно погледнува вашето дете? Ставете се во ситуација на родителите на децата со посебни потреби.

Уште додека се мали децата, треба да се учат дека и со куклата на која и се скршила „ногата, раката“, дека треба да ја играат а не да ја фрлаат. Дека и таа кукла сеуште може да има место за неа кај останатите играчки. Барем една не фрлајте, оставете им ја, така ќе им биде полесно кога ќе излезат надвор и кога ќе видат човек во инвалидтска количка кој е без нозе да го разберат и сфатат, без да се плашат. Кога ќе одите во прошетка со вашето дете, доколку сретнете родител кој турка инвалидтска количка, не бранете му на вашето дете да го гледа, баш напротив, раскажете му што му се случило, направете му убава приказна во главчето за да му се појави емпатија за тоа детенце. Учете ги на љубов, на помагање на оние што не можат за себе да се грижат. Да им помагаат и да ги прифатат различните од нив. Прифаќањето на различноста е исто толку важно за формирањето на личноста на детето, како и толеранција на различноста за успешно справување со современиот свет! И за доброто на вашето дете се работи!

Оливера Доневска