Познат лек може да го намали ризикот од развој на шизофренија

1425

Научниците открија дека често препишуван антибиотик може да помогне во намалувањето на ризикот од шизофренија кај адолесцентите.

Меѓународен тим научници од Универзитетот во Edinburgh дошол до овој заклучок анализирајќи податоци од сеопфатниот здравствен регистар на Финска.

Тимот ги проучувал податоците собрани од повеќе од 56.000 адолесценти кои биле прегледани од психолози или психијатри за разни ментални нарушувања, а им биле препишани антибиотици од други причини.

Тие откриле дека ризикот од развој на шизофренија во групата третирана со антибиотикот doxycycline бил за 30 до 35 проценти помал од ризикот од развој на истата болест кај нивните врсници на кои им биле препишани антибиотици од другата група.

Doxycycline е антибиотик со „широк спектар“ кој најчесто се користи за лекување на инфекции и акни, а научниците веруваат дека неговиот ефект врз шизофренијата може да биде поврзан со ефектите на лекот врз воспалението и развојот на мозокот.

Претходните студии, исто така, покажаа дека доксициклинот може да го намали воспалението во мозочните клетки и да влијае на синаптичкото кастрење, природен процес со кој мозокот ги рафинира своите невронски врски. Ова вклучува отстранување на непотребни компоненти, во овој случај вишок синапси, што е од суштинско значење за мозокот да функционира брзо и ефикасно.

Синаптогенезата е процес со кој се формираат синапси – местата каде што се одвива комуникацијата помеѓу два неврона.

Формативно може да се каже дека мозокот е како компјутер кој постојано брише непотребни податоци, со што прави простор за нови, а ова се случува за време на спиењето. Исклучително важна активност на мозокот е способноста да се разградат старите невронски врски – што се нарекува „синаптичко кастрење“.

Но, процесот на прекумерно кастрење е поврзан со развојот на шизофренија, тешко ментално нарушување кое обично се јавува во раната адолесценција и често се поврзува со халуцинации и заблуди.

Потенцијалот за користење на лекот како превентивна мерка

Тимот го нарече откритието исклучително интересно, истакнувајќи дека тоа укажува на потенцијалот за пренамена на постоечки, широко користен лек како превентивна мерка во третманот на оваа сериозна ментална болест.

Дури половина од луѓето кои развиваат шизофренија претходно разговарале со професионалци за ментално здравје на деца и адолесценти за некој друг проблем со менталното здравје, објасни професорот Ian Kelleher, водач на студијата и професор по детска и адолесцентна психијатрија на Универзитетот во Edinburgh.

Тој исто така рече дека лекарите во моментов немаат никакви конкретни интервенции за кои е сигурно познато дека го намалуваат ризикот од развој на шизофренија кај овие млади луѓе, но дека откритието претставува предизвик и поттик за нив да продолжат со своето истражување.

„Бидејќи студијата е опсервациска, а не рандомизирана контролирана студија, не можеме да извлечеме цврсти заклучоци за причината и последицата, но ова откритие е огромен поттик за понатамошни истражувања за заштитните ефекти на доксициклинот и другите антиинфламаторни третмани кај адолесцентни психијатриски пациенти како начин за потенцијално намалување на ризикот од развој на сериозна ментална болест во подоцнежната зрелост“, рече Kelleher.

Во студијата учествуваа научници од Универзитетот во Edinburgh, Универзитетот во Oulu, University Collegea во Dublin и St John of God Hospitaller Services Group, а беше финансирана од Одборот за здравствени истражувања.

Резултатите од студијата беа објавени во American Journal of Psychiatry.