Древен брод стар околу 1.200 години, најголемиот од ваков вид, пронајден на брегот на Израел, ги оспори претходните теории на археолозите дека по исламското освојување на Светата земја, трговијата на Медитеранот со Западот била целосно запрена.
Ненадејна бура? Неискусен капетан на брод? Независно од причината, трговски брод направен од ела и орев, полн со контејнери со овошје од далечни земји, потонал во плитките води кај брегот на Израел, недалеку од кибуц Magam Mihael, пред повеќе од 1.200 години.
Тоа е од времето кога претежно христијанската Византиска империја ја губела контролата врз оваа област на Источниот Медитеран преку која Исламската империја го проширувала своето влијание.
Потонатиот брод, од 7-ми или 8-ми век од нашата ера, е доказ дека трговијата со остатокот од Медитеранот сè уште била нормална и покрај религиозната поделеност, забележува Дебора Цвикел, поморски археолог од Универзитетот во Хаифа и водач на истражувањето.
– Учебниците по историја обично ни кажуваат дека во тој период трговијата речиси престанала. Немало меѓународна трговија на Медитеранот. Имало претежно помали пловни објекти кои превезувале стока по крајбрежјето – додаде Цвикелова.
Но, се чини дека тоа не било вистина.
– Овде имаме голема руина, за која мислиме дека првично бил брод долг околу 25 метри и – во најмала рака – натоварен со товар од целиот Медитеран.
Откриените артефакти на палубата на потонатиот брод покажуваат дека бродот се упатил кон Кипар, Египет, можеби Турција, а можеби дури и до брегот на Северна Африка.
Брегот на Израел е преполн со бродови кои потонале во изминатите милениуми. Подостапни се за проучување отколку на друго место во Медитеранот, бидејќи морето овде е плитко, а песочното дно ги има сочувано артефактите.
Вообичаено, бурите предизвикуваат движење на песокот и откривање на вистински археолошки богатства, што се случило кога споменатата руина била откриена на брегот на Израел. Двајца нуркачи аматери забележале парче дрво како излегува од дното и пријавиле кај властите.
Со помош на подводни правосмукалки за чистење на наслаги од околу метар и половина песок, тие пронашле над 200 амфори кои сè уште содржеле состојки специфични за медитеранската исхрана, како сос од риба и разни маслинки, урми и смокви.
Пронајдени се и алатки од бродот, како јажиња, но и лични предмети, дрвени чешли, како и животни, меѓу кои и остатоци од инсекти и шест стаорци.
– Мораме да бидеме многу внимателни бидејќи некои остатоци, како коски од риба, или стаорци, или семките со маслинки, се толку ситни што може да се изгубат за дел од секундата – нагласува д-р Дебора Цвикел.
На некои од товарните пакети имало симболи на Христијанската византиска црква, а на други натписи на арапски.
Истражувачите се надеваат дека ќе најдат соодветен простор за прикажување на остатоците за јавноста. Во спротивно, ќе го покријат со песок и ќе го остават на дното на морето, заедно со безброј други урнатини.