Почина Благоја Георгиевски – Буштур

302

Во сообраќајна несреќа синоќа во Скопје во населбата Кисела Вода загина еден од најдобрите македонски кошаркари во историјата легендарниот Благоја Георгиевски – Буштур.

Славниот Буштур според се уште неофицијални информации, животот го загубил во сообраќајка во населбата Кисела Вода кај сервисот „Скендеровски“ кога по лизгавиот коловоз загубил контрола над својот автомобил по што удрил во бетонскa жардинера поставена на средина од булеварот.Георгиевски починал на самото место на несреќата.

Великанот на македонската кошарка Благоја Георгиевски – Буштур (роден на 15 октомври 1950 во Скопје) скоро целата своја кариера како кошаркар ја поминал во Работнички, во неговите најславни денови во југословенската Прва лига. Со Работнички во сезоната 1975/76, Буштур стигна до полуфиналето во Купот на победниците на куповите.

Македонската легенда на Европско првенство во 1971 година во Западна Германија, како член на Југословенската кошаркарска репрезентација го освои сребрениот медал. Георгиевски беше учесник на Летните олимписки игри во Монтреал во 1976 година каде исто така се закити со сребрен медал.

По играчката кариера Георгиевски остана во кошарката и работеше како тренер во неколку наши клубови. Понеколку сезони минати во Кипар како тренер стана и селектор на најдобрата репрезентација на Македонија.

Откао ја заврши тренерската кариера стана член на Управниот одбор на МКФ и на Собранието на Македонскиот олимписки комитет, претседател на олимпискиот совет при МОК, а беше и потпретседател на највисоката спортска институција во нашата земја.

Благоја Георгиевски Бупштур од 1997 година стана Член на Клубот на великаните на Македонскиот олимписки комитет .