ПАНДЕМИСКИ ДАНОК / Од празни плоштади, до масовни прослави, во Европа и светот Новата пречекана со големи разлики

1105

Во Европа, традиционалните приеми на отворено со концерти и огномет се откажани во повеќето поголеми градови, како Лондон и Париз, или ограничени како во Мадрид.

Втора година по ред Европа и светот влегуваат во Новата година со ограничени или откажани прослави поради корона пандемијата, но со надеж дека 2022 година ќе биде подобра, јавуваат светските агенции.

Традиционалните приеми се главно ограничени или откажани

Во Европа, каде што речиси милион луѓе починаа од Ковид-19 во текот на изминатата година, традиционалните приеми на отворено со концерти и огномет се откажани во повеќето поголеми градови, како Лондон и Париз, или ограничени како во Мадрид.

Немаше голем огномет кај Бранденбуршката порта во Берлин ниту организиран дочек со стотици илјади луѓе, а пред полноќ берлинската полиција ги повика луѓето да не се движат кон обележјето.

Толпата собрана во областа пред полноќ се растури во раните утрински часови во саботата, соопшти полицијата.

Во Рим, италијанската полиција затвори некои области во центарот на градот, откако пиротехнички средства беа фрлени врз минувачите во близина на метро станицата Колосеум, објави новинската агенција АНСА, додавајќи дека нема извештаи за повредени.

Собир и покрај строгите мерки

Франција ја дочека 2022 година со строги мерки против Ковид-19. Во многу француски градови маските се задолжителни на отворено. Традиционалниот новогодишен огномет кај Триумфалната капија во Париз е откажан, а здравиците со шампањ на Елисејските полиња не беа дозволени.

И покрај тоа, толпа луѓе се собраа на Елисејските полиња. Париското небо беше осветлено со само неколку огномети бидејќи продажбата на пиротехнички средства беше забранета речиси насекаде во Франција пред Нова година.

Ајфеловата кула беше обоена во сина боја со ѕвездите на Европската унија, што го означи почетокот на француското претседателство со ЕУ, пренесоа француските медиуми.

Дочек под ограничувања

Иако бројот на новозаразени рапидно расте во Шпанија, најтрадиционалната масовна новогодишна забава се одржа во Мадрид, откако беше откажана минатата година.

Околу 7.000 луѓе ја дочекаа Новата година во Мадрид на плоштадот Пуерта дел Сол, а бројот на дозволени учесници е намален за околу 60 отсто. Инаку, во шпанската престолнина немаше значителни ограничувања.

Луѓето ширум земјата ги јадеа традиционалните 12 зрна грозје секој пат кога часовникот ќе отчука во Пуерта дел Сол на полноќ за среќа.

И покрај големиот дневен број на заразени, Британците се радуваа и наздравија за Новата година. Во Англија можеше да се оди на забави со пропусници за Ковид. Во Шкотска и Велс, каде клубовите се затворени, прославата беше многу поскромна.

Москва речиси како пред пандемијата

Милиони луѓе во Москва ја прославија Новата година два часа пред градовите кои се во средноевропската временска зона на ниски температури со снег и голем огномет на 62 локации и без поголеми ограничувања поради коронавирусот.

Илјадници луѓе се собраа на познатиот Црвен плоштад во Москва. Руската престолнина традиционално организира огномет на неколку локации, кои најдобро се гледаат од областа на облакодерите Москва-Сити или од Спароу Хилс.

Радост на Босфорот

Жителите на Истанбул заедно со туристите од повеќе земји ја дочекаа 2022 година на плоштадот Таксим, како и на други познати локации во градот, а публиката ја забавуваа диџеи. Собраните ги одбројаа последните секунди од 2021 година и со огномет влегоа во Новата година, јави Анадолија.

Новата година, не толку спектакуларна како во годините пред пандемијата, беше дочекана и во другите турски градови, јавува Анадолија.

Новата година први ја дочекаа жителите на јужниот пацифички остров Самоа и Кирибати, кои во 2022 година влегоа во 11 часот, и Нов Зеланд каде таа пристигна еден час подоцна.

Оваа година во Самоа беше дозволен огномет, за разлика од минатата година кога беше на сила забраната.

Луксузен огномет

Сиднеј започна во 2022 година со 6 тони шарен огномет во пристаништето. Австралијците ја испратија 2021 година во петокот, охрабрени од надежта дека следната ќе биде подобра поради добрите вести од Јужна Африка, првата земја што изјави дека го надминала бранот на омикронски варијанти на коронавирусот.

Во највисоката зграда на светот во Дубаи, Бурџ Калифа висок 828 метри, се одржа огномет комплетно со светлосно и ласерско шоу. За време на 12-минутниот спектакл, стотици пиротехнички средства го осветлиле небото на три километри над Арапското Море.

Инаку, потребни се 26 часа, до 13 часот во сабота по средноевропско време, за целиот свет да ја прослави Новата година.