ОПКРУЖЕНИ СМЕ СО МУТАНТИ | Ова се некои од најчестите генетски мутации кај луѓето, од кои некои веројатно и самите ги имате

1214

Луѓето се доста разновиден вид, а со различноста доаѓа и генетска мутација.

Иако повеќето луѓе мислат на штетни болести како што е ракот при спомнувањето на зборот „мутација“, постојат бројни примери на редовни мутации кои се всушност корисни, или барем не се штетни, пишува IFLScience.

Еве неколку вообичаени мутации, од кои некои веројатно ги имате самите, или барем познавате некој што ги има.

Сини очи

Иако околу 8% од човештвото има сини очи, мутацијата што довела до тоа е исклучително нова во историјата на нашиот вид. Во време кога секој човек имал кафеави очи, научниците успеале точно да ја утврдат мутацијата што довела до сината боја.

Додека промените во генот OCA2 доведуваат до промени во количината на пигмент во ирисот на окото, што резултира со различни нијанси на кафеава боја, всушност е мутацијата во блискиот ген HERC2 кој целосно го исклучува генот OCA2, поради што не се оформира кафеав пигмент, а резултата на тоа се сините очи.

Но, она што е многу пофасцинантно е тоа што научниците успеале да лоцираат кога најверојатно се случила првата таква мутација. Првата синоока личност најверојатно живеела во Европа, бидејќи скелет стар 7.000 години откриен во Шпанија е најстарата личност пронајдена со таа мутација.

Толеранција на лактоза

Ова е еден од најуспешните примери на човечката еволуција што се случува во моментов. Додека повеќето луѓе на Запад го земаат здраво за готово пиењето млеко, ние всушност сме сосема уникатни кога станува збор за поседување на таа способност.

Како и повеќето цицачи, повеќето луѓе ширум светот би престанале да пијат млеко кога ќе станат полнолетни бидејќи би ја изгубиле способноста да го варат млекото.

Но, пред околу 10.000 години, кога Европејците почнале да припитомуваат животни како крави, мутацијата во генот MCM6 значела дека некои луѓе продолжиле да произведуваат ензими на лактоза, што им овозможило да продолжат да пијат млеко непречено. Она што е уште поневеројатно е што Европејците не биле единствените. Други сточарски заедници, како оние во Индија, посебно развиле способност за варење на млекото.

Црвена коса

Заедно со сините очи и толеранцијата на лактоза, ова е една од најпознатите генетски мутации што ги имаат луѓето. Сите знаеме некој со оваа боја на коса, иако всушност е доста ретка, а само 4 до 5% од луѓето ја имаат.

Оваа боја е најчеста кај луѓето во северна Европа, и додека некои тврдат дека се проширила како позитивна селекција во пократките денови и подолгите ноќи на север, други велат дека недостатокот на негативна селекција е она што ѝ овозможило да преживее на далечниот север. Најчесто се јавува кај луѓето од Шкотска и Велс, најверојатно затоа што до неодамна биле прилично изолирани заедници.

Забот на мудроста (умник) што недостасува

Доцниот раст на умниците може да предизвика различни проблеми. Но, на некои луѓе, односно околу 40% од Азијците, 10-25% од Американците со европско потекло и 11% од Афроамериканците им недостасува најмалку еден трет катник, како што технички се нарекува умникот. Интересно е што околу 45% од Инуитите се во таа група.

Се верува дека, како и другите цицачи, човечките предци имале три групи од по четири кадници за полесно да ја исецкаат цврстата растителна храна што ја јаделе. Но, како што успеале да го скротат огнот, храната што ја јаделе станала помека, а вилиците сѐ потесни, со што се елиминирал просторот потребен за последниот сет, т.н. умници. Најстариот фосил без трет катник е пронајден во Кина и е стар околу 350.000 години. Се верува дека мутацијата првично започнала од таму.