“Ода од една мајка” за полнолетство на својата ќерка

416

Си турив вино од домашна марка
и решив да си прославам
што на денешен, си родив другарка.
Низ умов мешаница од честитки и спомени, секој период си носеше промени.

Но, еве, ова ми текна:

Еднаш се чувствував полетно и згодно и ти реков: – Бице, ќе те носам на Водно!
Се зачуди како да ти се измешале мапите: – на Водно мамо ќе си ги изводенам чорапите!

Уживав дури те гледав како растеш
и често те прашував:
-Што ќе работиш кога ќе пораснеш?
-Чистачка како тетка Маре,
готвачка како тетка Милка,
учителка како учителка Биле.
-Зошто не сакаш пилот, мила?
-Пилотот сече дрва со пила!

И кога потпорасна и ги научи професиите, ми рече:
-Јас сакам да им помагам на другите,
за славата и парите не сакам да слушам.
За момент си реков: – Животе имаш ли ти душа!

Поминав со тебе уште еден пубертет.
Од оваа гледна точка, не беше нешто најстрашно на свет.
И кога ти нарачував денес торта со крем и со фил, ми текна – Што бидна со твојот таен инста профил?
Тој период ни донесе промени, ти пораснаа крилата ‘ко на ластовичка и од ќерка ни стана кираџика.
Па така, јас најчесто зборував за стварите, оние расфрланите, а тебе омилена тема ти беа интернетот, самостојноста и парите.

Сега, додуша, скромна си – немам збор,
а и доволно самостојна и на се’ имаш одговор.
Љубовна си и музиката ти е во душа.
Луѓе, кога решава Бистра математика,
пее, разлева, цела зграда ја слуша.
Ја знаете “Oh, I just can’t wait to be eighteen” од “Кралот Лав”?
Иако дочекавме, јас сеуште сум со непроменет став:
Вечерва стануваш 18 годишна мома,
сепак, Бистра, ВО 12.00 ДА СИ ДОМА!

И иако си родена на ист датум со Микеланџело, настрана уметноста,
СРЕЌНО ПОЛНОЛЕТСТВО, ТЕ САКАМ ОДОВДЕ ДО ВЕЧНОСТА! ❤❤❤

Билјана Стојаноска