Нова студија сугерира дека загадувањето на воздухот влијае и на човечките коски | „За прв пат имаме докази“

1095

Во новото истражување, американските научници откриле досега неодредена врска помеѓу загадувањето на воздухот и промените во коските.

Нова американска студија откри загрижувачка врска помеѓу повисоките нивоа на загаден воздух и побрзото губење на густината на коските поради остеопороза, хронична состојба која ги прави коските покревки и го зголемува ризикот од фрактури. Ризикот од остеопороза нормално се зголемува со возраста и е особено чест кај жените во постменопауза.

Споменатото истражување беше спроведено со собирање податоци за разновидна група жени во постменопауза, поточно 9.041. Научниците конкретно ја разгледале густината на коските, што е индиректен показател за остеопороза и ризик од фрактури. Студијата е објавена во научното списание eClinicalMedicine.

„Лошиот квалитет на воздухот може да биде фактор на ризик“

Користејќи ги домашните адреси на жени чии податоци биле испитувани за проценки на азотен оксид, азот диоксид, сулфур диоксид и ПМ10 честички (загадување помало од 10 микрометри, што е еквивалент на дијаметарот на црвените крвни зрнца), истражувачите откриле дека како што загадувањето се зголемувало, коскената минерална густина паѓала во сите коски во телото, вклучувајќи го вратот, ‘рбетот и колковите.

Нашите наоди потврдуваат дека лошиот квалитет на воздухот може да биде фактор на ризик за губење на коскената маса, независно од социо-економските или демографските фактори, вели Diddier Prada, биомедицински научник од Универзитетот Колумбија во Њујорк.

Претходните студии покажаа поврзаност помеѓу поголемото загадување на воздухот и поголемиот ризик од фрактури на коските, како и поголемо губење на коскената маса со текот на времето. Новото истражување конкретно додава податоци за жени во постменопауза, како и податоци за различни мешавини на загадување на воздухот.

Врската помеѓу азотот и ‘рбетот

Тимот на Prada особено ја нагласи врската помеѓу азотот и ‘рбетот. Скокот од 10 проценти на овој тип на загадување во текот на 3 години бил поврзан со просечна годишна загуба од 1,22 проценти во минералната густина на коските на лумбалниот ‘рбет, двојно повеќе од износот што тимот го пресметал врз основа на нормалното стареење.

Научниците тврдат дека причината за тоа е најверојатно смртта на коскените клетки предизвикана од механизми кои вклучуваат оксидативен стрес, каде токсичните молекули од околината предизвикуваат оштетување на телото.

За прв пат имаме докази дека особено азотните оксиди во голема мера придонесуваат за оштетување на коските и дека лумбалниот ‘рбет е едно од најчувствителните места за ова оштетување, истакнува Прада.

Се поубедлива хипотеза

Сепак, новата студија сама по себе не е доволна за докажување на причинско-последична врска, односно дека загадувањето на воздухот дефинитивно доведува до губење на коскената маса, но со оглед на масата на тековните истражувања во развој, изгледа како се поубедлива хипотеза.

Исто така, вреди да се напомене дека иако оваа конкретна студија ги разгледа жените во постменопауза, вклучените учесници опфатија широк спектар на етникуми, локации, начин на живот и социоекономско потекло, што го прави поверојатно дека нивото на загадување е навистина основната причина за губење на коскената маса.