Нов и мистериозен вид бактерии откриени длабоко на дното на океанот

460

Научниците откриле уникатна бактерија длабоко на морското дно, предизвикувајќи го нашето разбирање за микробиологијата и метаболизмот на азот, нудејќи вредни сознанија за ова загадочно царство на длабоките океани.

Во примероците од седимент извадени од длабоките океани, кинеските научници дошле до големо откритие, односно идентификувале претходно непознат вид на морски бактерии кои имаат потенцијал да го подобрат нашето разбирање за условите во длабоките мориња и микробиологијата во пошироки размери.

Оваа уникатна бактерија, наречена Poriferisphaera hetertotrophicis, припаѓа на бактериска група која не е опширно проучувана, и покрај нејзиното широко распространето присуство во светот, од езера до почва. Овие бактерии играат клучна улога во рециклирањето на јаглеродот и азот, што значително придонесува за динамиката на екосистемот. Студија поврзана со ова откритие е објавена во списанието eLife.

Микробиологот Rikuan Zheng од Кинеската академија на науките фрли светлина на тоа како неговиот тим ја открил новата бактерија.

Повеќето бактерии Planctomycetes се изолирани со помош на средства за раст сиромашни со хранливи материи, па сакавме да видиме дали користењето на медиум богат со хранливи материи ќе овозможи одгледување и понатамошно проучување на овие слабо разбрани бактерии, рече тој.

Неочекувана симбиоза и интеракција со азот

Иновативните лабораториски техники на Zheng и неговиот тим успешно ги повториле условите на длабокото море. Новооткриената бактерија P. hetertotrophicis, наречена сој ZRK32, покажа брза стапка на раст која се разликува од другите култивирани бактерии и неконвенционален начин на репродукција што вклучува развој на потомство преку пупки, феномен без преседан кај бактериите Planctomycetes. Ова укажува на можноста за уникатни фактори на животната средина кои влијаат на тој бактериски сој.

Покрај тоа, новооткриената бактерија покажува нов пристап во интеракција со азот. Имено, коегзистира со специфичен тип на бактериофаг, вирус кој ги инфицира бактериите. Овој вирус, познат како fag-ZRK32, игра улога во преработката на азот, но без да им наштети на бактериите домаќини.

Нашите анализи покажуваат дека сојот ZRK32 е нов вид, кој најдобро расте во подлоги богати со хранливи материи и ослободува бактериофаг во присуство на азот. Тој fag-ZRK32 е хроничен бактериофаг кој живее во својот домаќин без да го убие, објасни микробиологот Chaomin Sun од Кинеската академија на науките.

Одвојување на Poriferisphaera hetertotropicis со метод на пупки

Премостен јаз во знаењето

Улогата на бактериофагите во азотниот циклус е значајна, исто како и бактериите со кои коегзистираат. Идните научни истражувања најверојатно ќе ги истражат интеракциите помеѓу фагот-ZRK32 и другите соеви на планктомицети, разјаснувајќи го нивното влијание врз океанскиот екосистем.

Со оглед на сеприсутноста на бактериите Planctomycetes, длабоката морска средина остана релативно неистражена област за научниците. Тој јаз во знаењето е делумно премостен со оваа нова студија и откривањето на претходно непознат тип на бактерии.

Нашите наоди даваат нов увид во метаболизмот на азот кај бактериите Planctomycetes и соодветен модел за проучување на интеракциите помеѓу Planctomycetes и вирусите, истакнува Sun на крајот.