„Незапирливото“ оружје со кое Путин се заканува да ги опустоши градовите на Запад | Што точно е Посејдон ? Видео

1056

Русија вчера објави дека ги конструирала првите примероци на „незапирливо нуклеарно торпедо“, чија цел е да ги уништи крајбрежните градови со создавање радиоактивни цунами.

„Првиот сет на Посејдон е произведен и подморницата Белгород ќе ги прими во блиска иднина“, објави руската државна новинска агенција Тас, цитирајќи неименуван извор од одбраната.

Како што објаснува британски „Телеграф“, проектот за нуклеарно торпедо „Посејдон“ влече корени во ерата на Студената војна, кога Советите сонуваа за оружје што ќе ги уништи крајбрежните градови на САД и ќе ги направи непогодни за живеење. Од почетокот на војната во Украина, пропагандистите на Кремљ често се закануваа дека ќе го уништат Лондон со торпедо.

Посејдон ги врти претпоставките за нуклеарното оружје главечки

Посејдон првпат беше откриен од рускиот претседател Владимир Путин во 2018 година, а официјалните лица на САД и Кремљ веруваат дека торпедото е нов вид на одмазднички оружје. Торпедото долго 24 метри е дизајнирано да патува под вода со брзина до 130 километри на час, носејќи нуклеарна боева глава со разорна моќ од 2 мегатони, повеќе од сто пати поголема од моќта на атомската бомба фрлена на Хирошима. Според некои извештаи од Русија, брзината на Посејдон е поблиску до 200 километри на час.

Кристофер Форд, тогашниот помошник државен секретар на САД за меѓународна безбедност и неширење на оружјето, предупреди во 2020 година дека оружјето е дизајнирано да ги „потопи американските крајбрежни градови со радиоактивно цунами“.

Американскиот поморски институт, воен тинк-тенк, смета дека развојот на Посејдон целосно ги отфрлил претходните претпоставки за нуклеарното оружје, имајќи предвид дека тој се лансира од подморница хоризонтално како конвенционално торпедо, а не вертикално како нуклеарни балистички ракети. Оружјето се очекува да стапи во употреба околу 2027 година, но наводно го мачеле голем број технички тешкотии.

Русите често ги преувеличуваат можностите на своето оружје

Во ноември минатата година, американските разузнавачи објавија дека првичните морски тестови биле неуспешни. Торпедото требаше да биде тестирано на нуклеарната подморница Белгород, која тогаш се наоѓаше на Арктикот. Тоа е најголемата подморница во светот, долга 178 метри. Но, Белгород се врати во пристаништето Североморска базата на руската северна флота, без никакви докази дека Посејдон бил тестиран, според извештаите. ТАСС објави дека екипажот на подморницата во меѓувреме завршил тестови со модели на торпеда.

Аналитичарите, сепак, посочуваат дека Кремљ има историја на преувеличување на можностите на ново развиеното оружје.

„Иако Посејдон е секако нова форма на оружје, тој е првенствено средство за одвраќање, дизајнирано да ги избегне постоечките механизми за ракетна одбрана. Реториката за оружјето објавено од Кремљ честопати беше претерано надуена, особено тврдењата насочени кон Обединетото Кралство“, рече Џастин Крамп, од Сибилин, геополитичка разузнавачка фирма.

Тие и се закануваат на Британија со потопување во цунами високо 500 метри

Има многу малку потврдени детали за оружјето освен руски симулации на напади на непријателски носачи на авиони и крајбрежјето. Минатата година руската телевизија емитуваше анимирано видео кое наводно покажало како торпедото Посејдон може да ја „потопи Британија во морските длабочини“.

Во неговата неделна вечерна емисија во ударно време, Дмитриј Кисељов, главниот пропагандист на Кремљ, рече дека оружјето може да се искористи за да се претвори Британија во пустелија со „давење во цунами од 500 метри радиоактивна морска вода“.

Како одговор на британската одлука да испрати 14 тенкови „Челинџер II“ во Украина, пензионираниот генерал Андреј Гурулиев, друг лојалист на Путин, рече дека Британија треба да биде „отстранета од лицето на Земјата“.