Непроценливо историско богатство исчезна без трага | Интерпол ги бара украдените икони и артефакти

278

Во Македонија не „роварат“ само домашни крадци на антиквитетите, икони и вредни предмети од историски и верски значај. Голем дел од локалитетите каде се уште се „крие“ нашето богатство е ограбувано и од странци.

Македонската полиција и Интерпол трагаат по иконите „Воскресение на Лазар“, „Крунисување на Богородица“, „Богородица со дете и светци“, „Слегување во пеколот“, „Исус Христос“, „Свети Никола 3“, „Неколку светци“, „Свети Јован Крстител“, „Распнување“, „Распнување“, „Собир на ангели“, „Антимини“, „Богородица и дете“, длаборезот „Свети Јован Богослов“ и низа златни, сребрени и бронзени предмети, кои имаат преголема релизиозна и историска вредност за кои документирано е утврднео дека се во сопственост на Македонија, дека се украдени и штом се најдат треба да бидат вратени во земјава.

За ниту еден, од досега украдените раритетни предмети, не се знае кој и зошто ги украл. Се верува дека кражбата во верските објекти каде се чуваа овие премногу вредни предмети е извршена по нарачка од антиквар од земјава или од странство и дека истите веќе се во приватни колекции. Упатените велат дека овие украдени предмети достигнуват милионски вредности на аукциите.

Станува збор за предмети кои датираат пред 15 век, и претставуваат раритет. Овој голем државен проблем не е нов. Три децении, од поединци, групи и меѓународни шверцерски банди рапидно се крадат разни верски и историски предмети кои се неоделлив дел од македонското културно наследство. Ова богатсво кое за граѓаните на Македонија нема цена, се краде најчесто од странски банди, а и од наши сограѓани.

Сите досега украдени предмети, а бројката надминува над 3.000, според сознанијата на полицијата се продаваат на трговци на артефакти од странство, на Музеи од земјите во регионот, на колекционери од земјава и странство, а дел, тие позначајните, завршуваат на продажба во некоја од светски познатите аукциски куќи во Европа и САД.

Дел од украденото македонско национално богатство по кое се трага/ Фото: МВР

Бројки велат дека во последниве 12 години се ограбени речиси 800 цркви и 53 џамии. Минатата година е постигнат тажен рекорд од 99 ограбени цркви, а трендот расте и оваа година.

Црквите се ограбуваат и по нарачка од колекционерите

Само во изминатиот месец се ограбени неколку цркви и украдени се десетина икони. Полицијата се уште не ја соопшти вредноста за украдените предмети. За некои од украдените предмети, велат истражителите, тешко е да се утврди пазарната номинална вредност бидејќи предметот пред се има голем верски или исторски значај. Ограбени, опустошени и осквернавени цркви, незаштитени и заборавени локалитети, е сликата од македонските светилишта.

Само во изминатите десетина години од Струшко се украдени 600 икони со непроценлива вредност. Од црквите во Југозападниот регион исчезнаа највредните икони. Украдени се црковни артефакти, световни книги, крстови, плаштеници со чудотворна моќ, низ кои е проткаена вековната традиција и верувања на локалното население.

Една од поголемите кражби годинава имаше во гостиварско, кога беа украдени икони и вреден сребрен крст. Не останаа поштедени ниту црквите во Охридско, во Битолскиот и Дебарскиот регион. Бесценетите предмети завршуваат на црните европски пазари, а седум икони беа најдени во Тирана во 2013 година.

Во истрагата и во текот на судскиот процес беше утврдено дека идентификуваните икони се украдени од црквите од селата Радожда, Буринец и Селце од Струшкиот регион како и селата Ѓавато и Перово од Битолскиот регион.

Македонските икони ги бара и Интерпол

Царските двери претходно биле исечени, но албанските експерти успеале да ги состават. За дел од идентификуваните икони веќе се публикувани монографии и научни трудови. Меѓу нив се и две икони изработени лично од страна на Дичо Зограф, а три икони кои потекнуваат од црква во селото Радожда, „Исус Христос со книга“, „Богородица со дете“ и „Св. Никола“ веќе се бараат и преку Интерпол.

Дел од украдените икони од македонските цркви ги пронајде албанската полиција/ Тирана, феврауари 2014/ Фото: МВР на Албанија

Од МВР информираат дека преку Интерпол се трага по 113 икони украдени од црквите во нашата земја кои претставуваат национално и културно богатство. Меѓу 30 икони украдени од црквата во Лазарополе, 23 беа дела на познатиот Дичо Зограф, еден од најпознатите автори во државата. Делата на Зограф се продаваат за десетици илјади евра на црниот пазар.

Пред неколку години се дозна дека важни македонски икони по разни канали пристигнале во Албанија. Колекционерот, Ѓерг Тимио од Корча, кај кого беа пронајдени најголем бој икони, тврдеше дека е наместен и дека полицијата без записник му одзела повеќе од 3.000 икони од наводно негова приватна колекција.

Вредни раритети во странски витрини

Албанската полиција во акцијата „Икона“ заплени 1077 икони, артефакти, и други религиски предмети кои потекнуваа од средниот век. Kолекционерот го обвини и Обвинителството за нецелосна истрага и за прикривање докази наведувајќи дека еден од скриените докази се и СМС-пораките упатени до пратеникот Kочо Kокдима, кој му барал икона вредна милион евра за премиерот Еди Рама да му ја подари на поранешниот британски премиер Тони Блер, инаку советник во владата на Рама. При своето прво појавување на суд лично го обвини премиерот дека го наместил за ова меѓународно кривично дело.

Во Британскиот музеј има многубројни македонски бронзи од V и VI век со се статуа на Ајсхин, а во Парискиот уште побројни етнолошки предмети. Во Франција се и двете најстари македонски палеолитски алатки, со преку 800 000 (осумстотини илјади) години. Во Њујорк пак во приватни колекции се бронзи од Демир Капија.

Но најголемото македонско богатство е во нашето окружување. Во Софискиот национален археолошки музеј, покрај двете златни маски има уште 257 придружни вредни предмети. Во Белградскиот покрај други две златни маски има уште 187 предмети.

Златните маски од Требениште во Софија и Белград/ Фото: Изложба Требениште 2019. Јаневска Илиева

Но и во двата града бројот на другото етнолошко, историско и археолошко богатство е далеку поброен. Во Софија на пример е многу вредната колекција од Охридскиот ерхиепископ, а во Белград мермерни статуи и бронзи, речиси од сите македонски локалитети.

Криминални банди со модерна опрема го пустошат Марвинци и други локалитети со децении

Во Македонија не „роварат“ само домашни крадци на антиквитетите, икони и вредни предмети од историски и верски значај. Голем дел од локалитетите каде се уште се „крие“ нашето богатство е ограбувано и од странци. На удар со години е и локалитетот Марвинци, од каде во изминативе 20 до 30 години се претпоставува дека дивите копачи ископале околу илјада гробни места и огромен број на артефакти се препродадени во Македонија, но и во Грција за да завршат како предмети со грчко потекло. Пред неколку години беше уапсена осумчлена група копачи и трговци со артефакти и икони од непроценливо културни и историско значење.

Криминална група, од кои едно лице е државјанин на Република Бугарија од археолошки локалитети на територијата на валандовско-гевгелискиот регион и на други локации на територијата вршела нелегални ископувања, присвојување и илегално продавање на артефактите во Македонија и во странство, како и продажба на икони со непроценлива вредност за културното наследство на Република Македонија.

На удар на оваа криминална група била Вардарската Долина каде што постојат локалитети од пајонското време. Ископувањето се вршело на брутален начин. Откако со определена апаратура ќе биле лоцирани гробовите каде што било скриено богатство, се отворале со копачи и со лопати. Откопаните предмети се оригинали. Покрај археолошки и историски предмети, членовите на криминалната група нуделе на продажба и икони, а потекнуваат од извршените кражби од повеќе цркви.

Мал процент од украдените артефакти се пронајдени и сторителите изведени пред суд/ Фото: МВР

Групата располагала со високософистицирана опрема. Како што дознаваме, осомничените при ископувањето на локалитетите користеле високософистицирана опрема. Кај нив бил пронајдена опрема која на пазарот вреди меѓу 40 и 80 илјади евра. Со помош на ваквата опрема, тие лесно успевале да ги лоцираат металните предмети закопани во гробовите. Ископаните артефакти ги нуделе по цена од над 14.000 евра.

Полицијата тогаш од крадците две икони, девет различни археолошки фигури, три фибули, шест парчиња – делови од накит, 17 метални парички, две керамички сада, разна опрема, составена од скенери и од детектори на метал, мапи и скици на археолошки наоѓалишта, како и оружје и муниција.

Во последните десет години од црквите низ Македонија украдени се над 10.000 артефакти со непроценлива материјална и културно-историска вредност. Украдени се цели иконостаси, олтари, крстови, икони, лампи и Библии. Во земјата, севкупно има околу 23.000 регистрирани икони.

Слободен печат