Научниците пронашле најстари траги од бактерии кои стојат зад најсмртоносните болести во историјата

1031

Мапирањето на античките болести би можело да помогне во развојот на денешните вакцини.

Обемна студија за човечките болести, која датира од пред 37.000 години, идентификува штетни бактерии, вируси и паразити што ги мачеле луѓето со милениуми, пронаоѓајќи ги првите докази за бактеријата чума пред околу 5.500 години.

Студијата го мапирала целиот каталог на заразни болести со анализа на ДНК од коските и забите на 1.313 луѓе кои живееле низ Европа и Азија (Евроазија) од раното камено доба, пред околу 12.500 години, до пред околу 200 години – при што најстариот примерок датира од пред 37.000 години.

Истражувачите откриле дека најраните докази за зоонотски болести – болести што се пренесуваат од животни на луѓе – датираат од пред околу 6.500 години, а тие станале сè пораспространети околу 1.500 години подоцна.

Долго време се сомневавме дека транзицијата кон земјоделство и сточарство отворила врата кон нова ера на болести – сега ДНК ни покажува дека тоа се случило пред најмалку 6.500 години, рече професорот Eske Willerslev од универзитетите во Cambridge и Kopenhagen.

  • Овие инфекции не само што предизвикале болести – тие можеби придонеле за колапсот на популацијата, миграцијата и генетска адаптација, додаде тој.

Студијата ја пронајде најстарата генетска трага од Yersinia pestis, бактеријата чума, во примерок стар од пред 5.500 години. Се проценува дека помеѓу една четвртина и половина од населението на Европа починало од чума во текот на средниот век.

Тоа е едноставно најстариот пример на чума што некогаш сме го виделе, рече Frederik Seersholm од Универзитетот во Kopenhagen.

Кога ќе го погледнете ова откритие, навистина можете да видите како чумата еволуирала со текот на времето кон верзијата што ја знаеме од „Црната смрт“ – пандемијата на чума што ја погоди Европа од 1346 до 1353 година и убила до 40 проценти од населението на некои места.

Пронајдени се и траги од 11.000-годишна дифтерија, 9.800-годишен хепатитис Б и 4.200-годишна маларија. Вкупно, истражувачите идентификувале 214 познати човечки патогени кај праисториските луѓе од Евроазија.

Студијата е објавена во списанието Nature.

Професорката Astrid Iversen од Универзитетот во Оксфорд изјави дека зоонозите станале вистински проблем пред околу 5.000 години.

Зоонозите првпат станале голем проблем за луѓето кога сме почнале да ги чуваме животните заедно во големи стада и да живееме во близина на тие животни, рече Iversen.

  • Ова значело дека животните можеле полесно да се заразат и ризикот од нивно заразување на луѓето се зголемил, додаде таа.

Авторот Martin Sikora од Универзитетот во Kopenhagen рече дека разбирањето како болестите се развивале во минатото „може да ни помогне да се подготвиме за иднината“.

Willerslev се согласува, велејќи дека мапирањето на античките болести може да помогне во развојот на денешните вакцини.

Можете да видите кога вирусот и бактериите мутирале, како мутирале, колку брзо се променил геномот – и кои мутации изгледаат особено значајни, рече Willerslev. А мутациите што биле успешни во минатото веројатно ќе се појават повторно, објасни тој.