Научниците најавија судир на две супермасивни црни дупки | Настанот ќе ги наруши просторот и времето | Видео

2011

Секоја од супермасивните црни дупки има маса која е стотици милиони пати поголема од масата на нашето Сонце.

Астрономите од Калифорнискиот технолошки институт (CalTech) најавија судир на две супермасивни црни дупки, а овој настан ќе ги „искриви“ просторот и времето, пренесува порталот The Sun.

Според нивното предвидување, фузијата ќе се случи за околу десет илјади години, а споменатите црни дупки моментално се оддалечени од нас околу девет милијарди светлосни години.

Секоја од супермасивните црни дупки има маса стотици милиони пати поголема од масата на нашето Сонце, а нивниот судир ќе биде толку интензивен што ќе испрати гравитациски бранови низ просторот и времето.

Студијата е објавена во средата во The Astrophysical Journal Letters, а авторите го забележаа следново:

„Обично кога галаксиите се спојуваат, нивните црни дупки се повлекуваат кон центарот на новата споена галаксија и на крајот формираат уште поголема црна дупка. Нивната огромна сила потоа го нарушува само „ткивото“ на универзумот со гравитационите бранови“.

„Супермасивна црна дупка оддалечена девет милијарди светлосни години се чини дека има црна дупка која орбитира околу неа. Како што орбитата се намалува, парот се приближува до спојување. Двете орбитираат една околу друга на секои две години“, се вели во студијата пренесена и на страницата на НАСА.

Двете супермасивни црни дупки моментално се на растојание од 1950 астрономски единици, што е приближно 50 пати поголемо од растојанието помеѓу Сонцето и Плутон.

„Кога парот ќе се спои за околу десет илјади години, се очекува титанскиот судир да испрати гравитациски бранови низ вселената и да ги потресе просторот и времето“, пишува Science Daily.