Новата вакцина во развој е насочена кон лошиот холестерол и нуди нова надеж за намалување на кардиоваскуларните болести на достапен и ефикасен начин.
Во подготовка е револуционерна вакцина која нуди потенцијално решение за широко распространетиот проблем со високиот холестерол, кој погодува речиси 40 отсто од возрасните во САД. Иновативната вакцина, која моментално се развива, го таргетира „лошиот“ холестерол, конкретно липопротеинот со ниска густина (LDL), познат по тоа што предизвикува затнати артерии и го зголемува ризикот од мозочен удар.
Во истражувањето на научниците од University of New Mexico и University of California, вакцината се фокусира на клучниот протеин, протеин конвертаза субтилизин/кексин тип 9 (PCSK9), поврзан со LDL. Истражувањето е објавено во списанието NPJ Vaccines.
Вакцината се заснова на неинфективна вирусна честичка, само на вирусната обвивка, која може да се користи за развој на вакцини против различни проблеми, објаснува молекуларниот генетичар Bryce Chackerian.
Специјалните рецептори на црниот дроб го регулираат нивото на LDL, но вишокот PCSK9 може да ги инхибира овие рецептори, дозволувајќи повеќе лош холестерол во крвотокот. Со комбинирање на мали парчиња PCSK9 со неинфективна вирусна честичка, научниците предизвикале имунолошки одговор кој го неутрализирал наведениот штетен протеин.

Поевтина и пошироко применлива алтернатива
Резултатите од тестовите на глувци и мајмуни ја покажале способноста на вакцината да го намали лошиот холестерол во крвта до 30 отсто. За разлика од сегашните PCSK9 инхибитори, новото решение нуди споредлива ефикасност, со потенцијално пониска цена. Chackerian ја нагласува целта да се развие тој нов пристап, кој е поевтин и пошироко применлив.
Додека вакцината подготвена за луѓе е сè уште далеку, ветувачките резултати досега даваат надеж за поприфатлива алтернатива, која трае околу една година по доза. Научниците се оптимисти за потенцијалното влијание врз речиси 18 милиони животи кои годишно се губат поради кардиоваскуларни болести.
Се надеваме дека ќе имаме вакцина кај луѓето во следните 10 години, вели Chackerian, признавајќи ја обемната временска рамка која претстои за евентуалното воведување на таа нова вакцина.
Со повеќе од една деценија развој зад себе, следната фаза на истражување вклучува испитувања на луѓе, кои за возврат бараат дополнително истражување и финансирање за потенцијална револуција во кардиоваскуларното здравје.



















