„Европската Унија не постои за да издава сертификати за постоење на народи“
БРИСЕЛ, 18 јуни 2026 – Словенечката европратеничка Ирена Јовева испрати силни пораки во Европскиот парламент за време на расправата по Извештајот за Македонија за 2025 година, нагласувајќи дека пристапниот процес кон Европската Унија мора да се темели исклучиво на реформи, а не на историски и идентитетски прашања.
Во своето обраќање, Јовева порача дека Македонија не смее да биде жртва на туѓи политички агенди и дека таквите барања се спротивни на основните европски вредности.
„Пристапниот процес мора да се фокусира исклучиво на реформи. Прашањата за идентитетот и историјата немаат место тука. Земјата не смее да биде заложник на туѓи агенди, кои целосно ги кршат основните европски вредности“, истакна Јовева.
Таа се осврна и на, како што оцени, апсурдните историски барања, нагласувајќи дека македонските граѓани не треба да бидат товарени со проблемите и фрустрациите на соседите.
„Европската Унија се гради за заедничка и просперитетна иднина. Таа не постои за да издава сертификати за постоење на народи“, рече словенечката европратеничка, предизвикувајќи позитивни реакции во јавноста.
Јовева нагласи дека Европскиот парламент не треба да биде арена за историски расправи, туку институција што објективно ќе ги оценува реформските процеси.
„Европската интеграција не смее да се претвори во натпревар меѓу државите, во кој ќе има победници и губитници“, порача таа.
Во завршницата од својот говор, Јовева оцени дека во актуелниот процес не е на тест Македонија, туку самата Европска Унија.
„Македонците денес не беа на тест, туку Европа. Вистинското прашање е дали Европската Унија ќе остане доследна на сопствените принципи“, заклучи Ирена Јовева.
Изјавата на Јовева во Европскиот парламент на следниот линк: Irena Joveva



















