На децата во Србија ќе им се мери температура при влез во училиштата

109

Тргнувањето на децата на училиште е најважната тема во моментот, рече денеска српскиот епидемиолог Предраг Кон и истакна дека мерките што се на сила не треба да се релаксираат во првите две недели во септември, сè додека не се види „ефектот на училиштето“.

Тој истакна дека постои голем интерес за олеснување на мерките, за продолжување на работното време на кафулињата и отворање на ноќни клубови, затоа што голем број на луѓе живеат од угостителство.

„Ова се прашања што ќе бидат тешки. Не треба да се попуштаат мерките сè додека не видите како ќе одат првите две недели од училиштето. Економскиот дел од овој проблем е исклучително важен“, рече Кон на ТВ Пинк.

Тој нагласи дека кај помалите деца, од прво до четврто одделение, речиси и да нема тешка клиничка слика за време на инфекција. Според него, Европскиот центар за контрола на болести официјално објави дека децата не се очекува да бидат „добри носители на вирусот“.

Сепак, тој посочи дека „треба да се обезбедат услови за да се спречи инфекција на училиште, како и да се обезбеди учење од далечина, за сите циклуси“.

Кон потсети дека медицинскиот дел од препораките за училиштата се однесува на миење на рацете, физичко растојание, носење маски, дезинфекција на просторот и постојана вентилација на просторот.

На влезот во училиштето, како што рече, мора да се измери температурата на децата, и важно е децата да се „разретчат“ во училницата (да има растојание меѓу нив).

„Постои можност да ги тргнеме маските за време на часот, додека децата седат на нивната маса, но исто така и да ги ставаат кога ќе се движат, на одмор, кога ќе излезат“, нагласи Кон.

Како што рече, можно е да се направи план што децата можеби ќе го имплементираат подобро од возрасните, само треба да се навикнат на тоа.