На 13 јуни 1943 загинал Кочо Рацин | Поет, револуционер

48

„Кажете ѝ на мајка ми нека не жали оти сепак ние ќе победиме.“

Во Рацин имаме најиздигнат македонски народен интелектуалец од неговото време, најкултурен наш човек.

Кочо (Коста Апостолов Солев) Рацин е роден на 22 декември 1908 година во Велес. Уште во детството ја запознава сиромаштијата. Неговиот татко, грнчарот Апостол, не можел да му пружи којзнае какво школско образование, бидејќи грнчарскиот занает и состојбата на семејството барале многу напори и време за малечка заработувачка. Кочо можел да добие одвај еден клас нижа гимназија и веќе на својата тринаесетта година бил присилен да му се посвети целосно на татковиот занает.

Коста Апостолов Солев Рацин (1908 – 1943) е една од најистакнатите интелектуалци што ги дала Македонија во периодот помеѓу двете светски војни, но и воопшто. Најпознат е по својата збирка песни „Бели мугри“, поради која се смета за основоположник на современата македонската литература, но Рацин беше многу повеќе од само наш најдобар поет помеѓу двете светски војни – неговата активност како истакнат работнички и комунистички деец обично се потиснува во втор план, но сликата на Рацин без овој елемент не соодветствува на реалноста.

Покрај тоа што се занимаваше со поезија, Рацин има напишано и прозни и теоретски трудови. Неговите написи за богомилите, за Хегел и за феминизмот претставуваат ремек дела за тогашната македонска комунистичка и напредна сцена. Тој целосно беше над карактеристичниот „комунистички стил на теоретизирање“ препознатлив преку тирадите со безбројни етикетирања и апотеози на лидерите, нешто што во Македонија и многу подоцна беше вистинска реткост.

Во иста насока е и следниов став на Блаже Конески: „Во Рацин имаме најиздигнат македонски народен интелектуалец од неговото време, најкултурен наш човек. Тоа што го рекол и како го кажал Рацин за богомилите не можеше да го постигне тогаш ниеден друг македонски интелектуалец. Чест му чини на Рацин дека тој од обичен работник – грнчар со упорно самообразование се издигна така високо.“

Во пролетта 1943 година Рацин заминува во партизани, во одредот „Кораб“. Станува уредник на партизанскиот весник „Илинденски пат“ и подготвува две збирки на македонски народни песни. Но, не го дочекува ослободувањето. Набрзо, вечерта на 13 јуни 1943, додека се враќал кон партизанската печатница на планината Лопушник, Кичевско, Рацин бил смртоносно застрелан од стражарот што го чувал пристапот кон печатницата. Во оптек се две верзии околу неговата смрт. Според првата, се работи за несреќен случај: поради вродената наглувост Рацин не го чул повикот на стражарот да застане и да се идентификува, по што овој го истрелал смртоносниот куршум. Според втората верзија тој намерно е убиен.

Рацин беше човек полн со оптимизам, дури и во тие опскурни 30-ти години на 20-от век, кога и во Југославија и во светот како целина левицата преживуваше тешки денови. Неговите партиски другари добро го паметат неговото „ќе победиме“, со кое ги поздравуваше и храбреше во многу прилики. Дури и неговите последни зборови кога беше застрелан на Лопушник беа: „Кажете и’ на мајка ми нека не жали оти сепак ние ќе победиме.“