Монт Еверест повисок за 86 сантиметри | Фото/Видео

1039

Непал и Кина заеднички ја соопштија новата висина на Монт Еверест. Двете влади го сметаат заедничкиот проект како знак за сѐ потесни билатерални односи.

Ништо земно не трае вечно. Се менуваат и планините како Монт Еверест, на пример како резултат на тектонски активности. По разорниот земјотрес во Непал во 2015 година, во кој животот го загубија речиси 9000 луѓе, имаше шпекулации дека висината на Еверест може да се променила поради силните потреси.

Ново мерење на највисоката планина на светот и онака беше нужно, поради тоа што постоеја повеќе „официјални“ височини. Сега владите на Непал и Кина заеднички соопштија: Монт Еверест е висока 8848,86 метри, заокружено 8849 метри, или речиси еден метар повеќе од досегашната официјална височина. Височината е соопштена по извршените мерења од страна на непалска експедиција лани и мерењата на кинеска експедиција годинава.

Со оглед на тоа што владите на Непал и Кина сега заеднички го објавија резултатот од експедициите, двете држави оценија дека е тоа „знак на традиционално пријателство“.

Кина во заедничкото соопштение најави и инфраструктурна помош за сиромашниот Непал, кој Тајван и Тибет ги третира како делови од Кина. Економските односи помеѓу двете држави во текот на изминатите години стануваа сѐ поблиски. Освен тоа, Непал за многу Кинези е омилена туристичка дестинација.

Монт Еверест беше првпат измерена на средината од 19 век, и тоа од Индија, поради тоа што Непал во тоа време не дозволувал влез за странци. Мерачите тогаш го користеле методот на триангулација, кој се користел уште од страна на старите Египќани. Притоа, едноставно речено, она што се мери се гледа како дел од триаголник, при што е позната оддалеченоста меѓу другите две точки.

Тогаш измерената височина од 8840 метри официјално се задржала речиси сто години. Во 1950 година, кога Непал се отвори кон светот, беше создадена можност за ново мерење. Врз основа на мерењата и пресметките на Индиецот Бихари Лал Гулатее, височината на Монт Еверест од 1954 година официјално изнесува 8848 метри.

Во 1975 година кинески експерти ја потврдија оваа височина. Во 1999 година американски научници, користејќи првпат Џи-Пи-Ес податоци, дојдоа до височина од 8850 метри. Во 2005 година кинески мерачи дојдоа до резултат – 8844,43 метри, со укажување дека во тој момент на врвот имало три метри снег, што доведе до резултат 8848 метри.