Мистериозен поларен вител се појави над Антарктикот ! Последиците се неверојатни

163

Ненадејното и ретко затоплување над Антарктикот може да го одложи формирањето на годишната озонска дупка над континентот, според истражувањето на службата за атмосферски мониторинг на ЕУ, Copernicus.

Овие епизоди на затоплување го нарушија јужниот поларен вител, вител на силни ветрови и го одложија нормалното распаѓање на озонската обвивка. Озонот, заштитниот гас во стратосферата, ја штити Земјата од штетното ултравиолетово (УВ) зрачење.

Секоја година, во текот на пролетта на јужната хемисфера (од септември до ноември), озонската дупка се формира над Антарктикот. Доцнењето е поврзано со две необични загревања. Во јули, стратосферските температури над Антарктикот се зголемија за 15°C, а во август за 17°C. Ваквите топли периоди се вообичаени на Северниот пол, но многу ретки на Јужниот пол.

Непозната причина

Истражувачите на NASA забележале и рекордно високи температури во тропосферата на Антарктикот во јули. Иако варијациите во температурите на површината на морето и морскиот мраз може да влијаат на овие услови, останува тешко да се утврди точната причина за затоплувањето.

Формирањето на озонската дупка зависи од неколку фактори: силен поларен вител, сончева светлина и присуство на супстанции кои ја оштетуваат озонската обвивка (ODS), како што се хлорофлуоројаглеродите (CFCs), кои некогаш се користеле во клима уредите и фрижидерите.

Овие хемикалии се глобално забранети според меѓународните договори, а доказите покажуваат дека озонската обвивка постепено заздравува. Сепак, овогодинешниот јужен поларен вител бил слаб и издолжен наместо силен и кружен, што дополнително го одложи вообичаеното осиромашување на озонот.

Умерен оптимизам

Процесот обично започнува во појасот околу вртлогот и на крајот формира дупка што трае до австралиската пролет и се затвора до декември. Иако одложената озонска дупка може да сугерира позитивни трендови, научниците предупредуваат да не се толкува како знак за целосно закрепнување.

„Бавниот почеток на озонската дупка не може автоматски да се припише на обновувањето на озонската обвивка“, истакнуваат истражувачите и нагласуваат дека врз здравјето на стратосферската озонска обвивка влијаат сложени хемиски и метеоролошки фактори.

Доколку земјите продолжат да ја почитуваат забраната на ODS, експертите веруваат дека озонската обвивка може целосно да се опорави во рок од четири децении. Сепак, големината и однесувањето на озонската дупка ќе продолжи да флуктуира поради човечките и природните влијанија, вклучувајќи ги климатските промени и вулканските ерупции, како што е големата ерупција на подморскиот вулкан Hunga Tonga–Hunga Haʻapai на Тонга во 2022 година.