Манџуковски ја промовираше најновата книга 21г.®

858

Македонскиот автор Тони Манџуковски – Манџук ја промовираше својата најнова книга 21г.®.

Станува збор за збирка стихови откорнати од душата, промовирана во пред-дворјето на храмот Св. Вмч. Димитриј во Скопје.

„…грото од дваесет и едната песна поместени во збирката стихови откорнати од душата, 21г.® се создавани во тек на 21-та година на 21-от век и се распоредени во три дела, секој со 7 песни… Според една теорија, душата тежи 21 грам, а на неа и пред сѐ на нас, исконски ни треба вера, надеж, љубов и троа, троа малу мудрост…“, рече Манџуковски на промоцијата.

Поетот Ефтим Клетников, како рецензент, објасни дека Манџуковски е автор на проза, мемориски записи, драмски текстови и една книга поезија инспирирана од неговата фасцинација Никола Тесла. Според Клетников, Манџуковски е автор со идентет, со сопствен препознатлив стил и инспирација.

„Тоа може да го видиме и во неговата нова поетска книга со шифриран наслов 21 Г.℗, за што авторот му должи посебно објаснување на читателот. Сеедно, важно е дека под таквиот шифриран наслов стои еден автопоетички маркер (“Збирка со стихови откорнати од душа”) кој inmedias res посочува на поривот од кој извира поезијата во оваа книга на Тони. Тоа е душата, епицентарот на Платоновата, а потоа и на христијанската филозофија што контактира тактилно со сферата на чувствата и, следствено на тоа и на поезијата“, рече Клетников.

Според другиот рецензент, Владимир Мартиновски, „Човековата душа е меѓу најнедофатливите, а истовремено и најопеваните нешта: древните цивилизации пееле за неа како за најсуштественото и најдрагоценото во човекот, влегувале во поетски разговори за неа и со неа, пееле за нејзините селидби, за нејзината вечност и неуништливост, но за опасностите, замките и јамките кои ја демнат додека е човекот жив, за нејзиниот непредвидлив пат во задгробниот живот… Алудирајќи на нејзината претпоставена тежина, стихозбирката 21г.® од Тони Манџуковски – Манџук е во знакот на бројот 21: поетската книга е сочинета од исто толку песни настанати во 21 година од 21 век. На тематски план еден вид нишка која се провлекува низ сите песни е темата на тајните на човековата душа“.

Промоцијата со својот настап ја збогатија со настап Жаклина Стевковска, Џина Папас Џокси и Јована Зајкова, како и Етно Класичниот Хор Менада.