Некои метали во мали количини се здрави за организмот. Железото, на пример, треба да се внесува редовно, но треба да се избегнуваат други метали. И затоа некои веруваат дека е штетно да се лиже капакот од шолјата со јогурт. Дали е тоа точно?
Накратко, не. Ако го лижете капакот, не значи дека ќе консумирате и алуминиум. Подобро е да внимавате на јазикот бидејќи можете да се исечете на остриот раб од металот.
Според Германскиот федерален институт за проценка на ризик, алуминиумот претставува најголем ризик кога кородира во контакт со киселини или сол.
Лимонска киселина или обична сол, на пример, може да се најдат во јогуртите.
Токму затоа пакувањата се обложени одвнатре, објаснуваат од институтот.
Овој заштитен слој спречува алуминиумот да влезе во јогуртот, што значи дека можете да го излижете капакот без никакви здравствени последици.
Но, алуминиумот може да биде ризичен по други основи.
Тој е најчестиот метал во Земјината кора и може да се најде во многу работи. Не треба да се внесува повеќе од еден милиграм алуминиум по килограм телесна тежина неделно. Ако јадете нормално, нема да ја надминете таа граница.
Но, бидете внимателни кога користите алуминиумска фолија или алуминиумски контејнери за еднократна употреба.
Ако кисела или солена храна дојде во контакт со нив, голема количина алуминиум може да се пренесе во храната.
Затоа не треба да завиткувате ништо што содржи киселини или соли во алуминиумска фолија, како што се исечени јаболка, домати и сирење, како и маринирано месо.



















