Кога ти е најцрно, тогаш блескај!

421

И не е важно дали солзите леат или ти доаѓаат идеи за безнадежност или бесмисленост во она што го правиш сега или во навраќање на она што со некој си градел.

Темнината која доаѓа е само илузија. Би било добро колку што е можно поскоро тоа да го разбереш. Направи она што е потребно за да направиш сега и веднаш разликата помеѓу таа енергетска тиња во која се валкаш и леснотијата на постоењето во светлината на новиот избор. Избор да бидеш чиста љубов, без разлика на сѐ.

Тешко ти е? И тоа е изговорот да го уништуваш својот живот и арогантно да се однесуваш кон благословите на животот? Нешто не е по твојата волја па твојата уста мрмори со неконтролиран гнев на создадени зборови, кои без цензура преминуваат преку твоите усни? Преку тие истите усни кои знаат како да се молат, кои знаат како да кажат благодарам, кои знаат како да бакнуваат и да сакаат?

Кое е тоа слепило на умот кое ти се случило кога толку лесно се предаваш? Кои се тоа сили во опкружувањето кои како пранги те вовлекуваат во подземјето на твоето постоење? Како ли го рационализираш гневот кој го генерира деструктивното однесување со кое се повредуваш себе си и другите? Што ти се случило? Како себе си се убедуваш дека е оправдано ова однесување, па дури и дека е единствено можно, земајќи ги во предвид сите животни околности?

Како успеа да се убедиш дека агресијата е решението или уште полошо дека не постои решение и така лутината станува начин на живот, единствено оправдан, единствено вибрационо усогласен со разочарувањето на твојот ум?

Што и да ти се случило, ти си сѐ уште жив! Заблагодари се најпрво за тоа! Дадено ти е да се осознаеш, а те мрзи да се придвижиш? Да си кажеш себе си ДОСТА Е со саботирачкото однесување и со сожалување себе си? Ти се допаѓа придобивката која ја имаш? Дали ти се допаѓа и другите околу тебе да се чувствуваат мизерно како ти, само затоа што твоите фрустрации не сакаш да ги надминеш? И тогаш сите треба ТЕБЕ да те разберат и да се прилагодуваат на твоите склоности.

До кога?!? Разбуди се и зајакни! Симни ги одбранбените изрази од лицето, отфрли ја заштитата и тргни се од она што те вовлекува во подлабока темнина! Што чекаш? Кој наместо тебе ќе дојде и ќе го подобри твојот живот? Кој може да ги промени твоите мисли и животните навики? Кој за тебе може да замисли подобра иднина? Кој може наместо тебе да тргне и да направи нешто корисно за другите, наместо што седиш и жалиш над својата судбина?

Имаш некои дијагнози зад кои се криеш? Ментални, физички, емоционални состојби, кои во твоите очи те оправдуваат?

Сѐ уште не си доволно добар за нешто, страв ти е да бидеш светлина за да не го изневериш семејството или пријателите кои те потсетуваат дека си безвреден? Време е да создадеш нови пријателства и ново семејство. Прво во својата глава. А потоа да сфатиш дека секој ден мора да ја ИЗБЕРЕШ светлата страна на животот СЕКОЈ пат кога ќе се судриш со темнината.

Ниту една техника повеќе не ти треба, мислење од никого, ниту еден курс. Ништо. И онака не применуваш. Те понесува вибрацијата и паѓаш за неколку дена. Зарем толку си слаб?

Дали поверува во идејата дека НАВИСТИНА нешто не можеш? Зарем заборави дека си резултат на Креативната Интелигенција која ги создава световите? Зошто мислиш дека си помалку совршен од било која возвишена креација во овој свет?

Пресечи ги сите тие залудни мисли и прекини веќе еднаш со своето себично однесување.

Животот ти е даден да го живееш со БЛАГОДАРНОСТ. Крени ја главата, развлечи насмевка, исправи се и направи нешто со својот живот.

За почеток, прекини самиот себе да се сопнуваш редовно и животот ќе го направи останатото.

Тоа е толку едноставно.

Само прашање е што ќе избереш.