Експериментот бил прекинат по десет дена на барање на членовите на семејството на пациентот.
Кинески лекари се први во светот со трансплантација на свински црн дроб на човек, објавија научниците од Xi’an Military Medical University во северозападна Кина.
Искористениот црн дроб бил од минијатурна свиња, која била генетски модифицирана за да се намали ризикот од отфрлање на органите.
Откако бил вграден во телото на лице без когнитивни функции (пациент со мозочна смрт), црниот дроб успешно произведувал жолчка и одржувал стабилен проток на крв.
Научниците потоа ја следеле способноста на црниот дроб да ги извршува своите основни функции, протокот на крв и неговиот имунолошки и воспалителен одговор во следните десет дена.
Истражувачите се надеваат дека органот може да се користи во иднина како потенцијален третман за пациенти со откажување на црниот дроб кои чекаат органи од човечки донатори.
Црниот дроб што го земавме од генетски модифицираната свиња функционирал многу добро во човечкото тело. Тоа е големо достигнување. Оваа операција е навистина успешна”, вели професорот Lin Wang, автор на студијата, чии резултати се објавени во списанието Nature.
Го следевме протокот на крв во различни вени и артерии. Сè функционираше многу добро, рече Wang.
Експериментот е прекинат по десет дена на барање на членовите на семејството на пациентот.
За да ја подобрат компатибилноста со човечкиот црн дроб и со цел за трансплантација на луѓе, научниците модифицирале шест гени. Наодите сугерираат дека таквиот модифициран црн дроб може да функционира во човечкото тело, но потребни се дополнителни истражувања за долгорочни резултати, се вели во студијата.
Wang изрази желба во иднина да спроведе дополнителни истражувања на луѓе кои не се прогласени за мозочно мртви, но предупреди на бројни компликации и „многу строги правила“ за такви операции.
Rafael Matesanz, основач на шпанската национална организација за трансплантација, рече дека „ова е прв случај на трансплантација на генетски модифициран свински црн дроб во тело на мозочно мртов човек во светот“.
Крајната цел на експериментот не е да се изврши стандардна, вообичаена трансплантација на црн дроб, туку да се покаже дека овој тип на хируршка процедура може да користи свински црн дроб како еден вид „орган за премостување“ во случаи на акутна црнодробна инсуфициенција, односно додека се чека човечки орган за конечна трансплантација, рече тој.
Трансплантацијата на црн дроб е најефективниот начин за лекување на заболен црн дроб во краен стадиум, но побарувачката за донаторски органи далеку ја надминува понудата.
Свињите се сметаат за најдобар алтернативен извор на органи поради нивната компатибилност со луѓето во однос на физиолошката функција и големината.