Чешкиот лингвист, математичар и уметник Jakub Marian направил фасцинантна мапа на најпопуларните европски презимиња.
Најпопуларното презиме во Хрватска е Хорват, презиме кое често им се припишува на Хрватите во време на Хрватско-унгарското Кралство. Веројатно затоа ова презиме е најзастапено во Словачка.
„Унгарското име за Хрватите во Словачка го носат дури 30 пати повеќе луѓе отколку што навистина има Хрвати во Словачка“, изјави Јакуб за Indy100.
Во Хрватска презимето Новак е доста застапено, најпопуларно е во дури три земји, Словенија, Полска и Чешка. Презимето Иванов е најчестото презиме во Бугарија, Белорусија и Естонија.
„Поминав многу часови гуглајќи, обидувајќи се да најдам статистика на јазикот што го зборувам (бидејќи, се разбира, не ги зборувам сите јазици на земјите на мапата) и ги преведував со помош на речник. Почетна точка ми беше една статија од Википедија, но повеќето податоци немаа наведен извор или едноставно тие беа потполно неточни, па секогаш го барав примарниот извор“, рече Јакуб Маријан.
Во Европа водат синовите Иванови и мелничарите
Тој, исто така, се обидел да ги пронајде нивните соодветни преводи користејќи етимолошки и генеалошки речници, а со картите дал и легенда:
-
ЦРВЕНА – презимиња засновани на особини, како ВЕЛИК или НОВ,
-
КАФЕАВА – презимиња по професија (на таткото),
-
СИНА – презимиња врз основа на татковото име,
-
СИНОЗЕЛЕНА – презимиња врз основа на местото на потекло
-
ЗЕЛЕНА – презимиња врз основа на природата
„За жал, поголемиот дел од она што може да се најде на Интернет е неточно или нецелосно, па на мапата се појавија неколку помали грешки (или поточно нецелосни записи). Се покажа корисно што имам следбеници од целиот свет, кои брзо ме предупредија на неточностите и ме упатија до релевантни извори на нивниот јазик“, рече тој.
Исланд е изоставен од мапата бидејќи сè уште функционира по патронимски систем.
„Тоа е систем по кој презимето на детето се одредува според името на таткото и тоа е единствената земја која не преминала на системот на семејни презимиња на кој сме навикнати. Овој систем беше многу вообичаен кај нордиските земји пред неколку векови, поради што денеска речиси сите презимиња во Данска, Норвешка и Шведска завршуваат на –son или –sen, што значи син“, рече тој.
За повеќејазичните земји, тој обезбедил податоци за најчестите презимиња на сите јазици, доколку се достапни (на пример, за Швајцарија не успеал да добие веродостојни податоци за областите каде се зборува француски и ретро-романски).




















