Како градежниците го откриле “краудфандинг” – собирање пари во помали износи

540

Собирање финансиски средства во помали износи му дава можност на секторот со недвижности да дојде до свеж капитал, а на инвеститорите шанса и со помали суми да учествуваат во градежниот бум – секако ова не е без ризик, пишува Дојче веле.

Една зграда на пет ката во која има 50 станови во германскиот град Шверин се реновира од минатиот јуни. Покрај санација на фасадата и отстранување на штетни материјали кои биле вградени во зградата, доградба, промена на кровот и олуците искречена е и внатрешноста на ходниците, а инсталирани се и лифтови. Вкупните трошоци се 4,5 милиони евра.

ВГС- Здружението на станари од Шверин, кое одржува околу 11.500 стана во главниот град на покрината Мекленбург – Предна Померанија, се реши за нов начин на прибирање средства за санацијата: комуналното претпријатие не само што вложи свој и надворешен капитал, туку позајми и 850.000 евра од стотина граѓани на Шверин. Од почетокот на годинава тие можеа директно да се вклучат во проектот на специјалната платформа за финансирање Exporo.de. Парите беа собрани за два дена. Времетраење на кредитот е 13 месеци, а тие за тоа добиваат 4% камата годишно.

Поповолно од банките

Граѓанското финансирање во Шверин е пример за алтернативни начини на коишто компаниите за недвижности го скратија времето за собирање на капиталот потребен за новоградба или реновирање. Во Шверин ова беше успешен проект во кој сите страни се добитници: граѓаните беа вклучени во проектот на општината и за тоа добија финансиска награда од каматите, а комуналната компанија можеше брзо да ги собере потребните средства на небирократски начин и за кратко време да понуди реновирани станови на пазарот за недвижности.

Вклучувањето на „соседите“ во еден регионален проект за недвижности нема да остане единствен случај: „краудфандинг“ платформата Експоро (Exporo.de) и фирмата специјализирана за урбан развој „Терагруп“ сакаат на саемот за недвижности „Експо Реал“, кој се одржа од 4 до 6 октомври во Минхен, да го промовираат начинот на кој во иднина сакаат да соработуваат при инвестиции во проекти поврзани со недвижности.

Вин – вин ситуација

Првиот човек на Експоро, Јулијан Ортцен е убеден дека со новиот модел на „граѓанско финансирање“ на општините може да им се понуди атрактивна алтернатива: „Многу градови и региони во моментов се исправени пред предизвикот за брзо време да обезбедат станови. Во многу случаи учеството на граѓаните не е доволно, што доведува до одложување и проблеми, “ смета Ортцен. Градежните проекти стануваат потранспаренти преку дигиталната платформа за инвестирање: „Општините профитираат од вклучувањето на луѓето во развојот на градот, а граѓаните може да се вклучат и во финансирање на регионални проекти.“

Дојче Веле