Јапонија минатата година потпиша договор со NASA што ќе вклучува двајца јапонски астронаути и еден ровер во идните мисии на површината на Месечината.
Јапонија е подготвена да ги поддржи нискобуџетните американски лунарни мисии, изјави во петокот шефот на јапонската вселенска агенција JAXA, откако американската влада предложи намалување на буџетот на NASA за шест милијарди долари, што би можело да влијае на опстанокот на програмата „Aretmis“ насочена кон враќање на луѓето на Месечината.
Американската програма „Artemis“, започната за време на првиот мандат на сегашниот претседател Доналд Трамп, а на која ѝ се придружија партнери, меѓу кои Јапонија, Европската вселенска агенција (ESA) и Канада, прерасна во проект вреден повеќе милијарди долари. Целта е враќање на астронаутите на Месечината за прв пат од 1972 година.
„Доколку САД разгледуваат подобра алтернатива во однос на буџетот или економијата, ние мора да одговориме на тоа“, рече претседателот на Јапонската агенција за вселенски истражувања (JAXA), Hiroshi Yamakawa.
Трамп го објави својот предлог за буџет за NASA во 2026 година на почетокот на мај. Тоа речиси би го преполовило буџетот на агенцијата и би ги пренасочило истражувачките програми кон истражување на Марс со „поекономични“ ракети и вселенски бродови.
Јапонија минатата година потпиша договор со NASA што ќе вклучува двајца јапонски астронаути и еден ровер во идните мисии на површината на Месечината.
Што ќе се случи со Gateway?
И додека Трамп и јапонскиот премиер Shigeru Ishiba потврдија партнерство за мисиите „Artemis“ во февруари, предлогот за буџет сугерира дека NASA би можела да ја затвори „Gateway“, планираната меѓународна вселенска станица што требаше да биде стационирана во близина на Месечината во четвртата мисија „Artemis“.
NASA соопшти дека компонентите на Gateway, кои веќе се произведени, би можеле да се пренаменат за други мисии и дека меѓународните партнери ќе бидат поканети да се приклучат на овој обновен напор.
JAXA, заедно со ESA, го изгради модулот за сместување луѓе на „Gateway“ и имаше намера да го користи за своето товарно вселенско летало HTV-X за снабдување на станицата.
Генералниот директор на ESA, Josef Aschbacher, изјави дека сè уште има некои прашања за последиците од предлогот за буџетот на Трамп и дека ESA одржува дополнителни состаноци со американската вселенска агенција.
Yamakawa одби да го оцени предлогот за буџетот на NASA и рече дека ќе соработува со јапонската влада за да бара дијалог со американскиот пандан за да продолжи да ја зајакнува заемно корисната вселенска соработка.
Дури и со различно име од Gateway, слична инфраструктура е потребна за лунарните активности и ние продолжуваме да ја обезбедуваме, рече Yamakawa.
Јапонија би можела да им понуди на САД и другите меѓународни партнери капацитети за снабдување, технологија за слетување со висока прецизност, ровер или податоци за вода на Месечината добиени од претстојната заедничка мисија со Индија, додаде тој.



















