ИСТРАЖУВАЊЕ – Ковид 19 | Инфекција која ќе се преболи штити подеднакво добро како и вакцината

1176

Заштитени сме од Ковид-19, ако претходно сме биле заразени со вирусот, толку добро како да сме вакцинирани, заклучи во петокот една од најголемите студии на оваа клучна тема за справување со епидемијата, и вели дека заштитата трае најмалку онолку, колку што дава вакцинацијата.

Десет месеци по заразувањето со вирусот, луѓето сè уште имаат 88 отсто помал ризик од повторна инфекција, хоспитализација и смрт, според студијата објавена во списанието Lancet.

Тоа овој природен имунитет го прави барем еднаков по траење, ако не и подолго од две дози од вакцината Pfizer или Moderna, според студијата.

Авторите сепак нагласуваат дека нивните наоди не треба да ја обесхрабруваат вакцинацијата, која останува најбезбедниот начин за постигнување имунитет.

Студијата, предводена од Американскиот институт за мерење и евалуација на здравјето (IHME), вели дека тоа е најсеопфатна анализа за тоа колку долго трае заштитата за различни форми на имунитет.

Научниците анализирале 65 студии од 19 земји до септември 2022 година, што значи дека некои го покриле периодот кога омикронот го зафати светот.

Омикрон се покажа како позаразен од претходните варијанти на коронавирусот, но помалку тежок.

Луѓето кои стекнале природен имунитет пред појавата на омикрон, забележале дека нивната заштита од реинфекција исчезнува многу побрзо со доаѓањето на таа варијанта. Заштитата паднала на 36 отсто по 10 месеци, се вели во студијата.

Вакцините остануваат важни за сите како би се заштитиле високоризичните популации, како што се оние над 60 години и оние со пропратни болести, рече коавторот на студијата Caroline Stein од IHME во соопштението.

Студијата дава и попрецизна слика за тоа како би можел да изгледа ковидот во иднина, кога сè повеќе вакцинирани луѓе веројатно ќе се заразат и на тој начин ќе стекнат „хибриден имунитет“.

Долгорочно, повеќето инфекции ќе се појават кај луѓе со силна заштита од тешка болест поради претходна инфекција, вакцинација или и двете, рече Cheryl Cohen, епидемиолог од Националниот институт за заразни болести во Јужна Африка.

Затоа, овие резултати даваат надеж дека идните бранови на Ковид ќе резултираат со ниско ниво на хоспитализации, заклучи таа.