Истражување кое мириса на вистина ! Револуцијата во откривањето на Паркинсоновата болест доаѓа на четири шепи

704

Сетилото за мирис на кучето може да ја открие Паркинсоновата болест во нејзините рани фази, открива нова студија.

Инспирирани од жена која можела да ја намириса Паркинсоновата болест години пред дијагнозата, британските научници сега ги тренираат кучињата да го прават истото, со изненадувачки резултати.

Во строго контролирано двојно слепо испитување, научници од Универзитетот во Манчестер и организацијата Medical Detection Dogs обучиле десет кучиња да ја откријат Паркинсоновата болест користејќи го мирисот на брисеви од кожа. Само две кучиња, лабрадор и златен ретривер, успешно ја завршиле обуката, но и двете покажале висока точност во откривањето на споменатата болест.

Едно куче правилно ги идентификувало пациентите со Паркинсонова болест во 90% од случаите, со 10% лажно позитивни резултати. Другото имало помалку од 2% лажно позитивни откритија. Резултатите потврдуваат дека кучињата можат да го намирисаат уникатниот мирис поврзан со болеста.

Кучињата во оваа студија постигнале висока чувствителност и специфичност, демонстрирајќи дека постои олфакторен потпис специфичен за пациентите со оваа болест. Нивоата на чувствителност од 70% и 80% се далеку над случајноста, и верувам дека кучињата би можеле да помогнат во развојот на брз, неинвазивен и економичен метод за идентификување на пациенти со Паркинсонова болест, рече Nicola Rooney, бихевиорист на животни на Универзитетот во Бристол и еден од авторите на студијата, објавена во Journal of Parkinson’s Disease.

Сè започна со медицинска сестра со исклучително чувство за мирис…

Ова истражување е продолжение на една деценија откритија инспирирани од случајот на Joy Milne, шкотска медицинска сестра со исклучително чувство за мирис. Milne се здоби со слава во 2016 година кога, во мала студија, правилно ги идентификувала сите пациенти со Паркинсонова болест според мирисот на нивната облека, а нејзиниот единствен пропуст се покажа како точен една година подоцна.

Во 2019 година, научниците од Универзитетот во Манчестер изолирале специфични испарливи соединенија одговорни за препознатливиот мирис на Паркинсонова болест, што е потврдено и од Milne. Овие соединенија сега се тестираат како дел од експериментален дијагностички брис.

Во моментов не постои ран тест за Паркинсонова болест, а симптомите можат да се појават до 20 години пред да станат видливи и трајни и да доведат до потврдена дијагноза. Навремената дијагноза е клучна, рече Claire Guest, извршен директор на Medical Detection Dogs.

Извор: Science Alert