Европа се соочува со силен топлотен бран, а метеоролозите предупредуваат дека во наредните денови се очекуваат рекордно високи температури.
Земјите низ континентот воведуваат низа мерки за да ги заштитат граѓаните – од отворање климатизирани јавни простори и скратување на наставата, до бесплатен влез во базени и кина.
Холандија: „Тропски“ распоред во училиштата и зони за разладување
Во Амстердам се отвораат специјални „зони за ладење“ во библиотеки, театри, цркви, центри за заедницата, градски фарми и супермаркети. Просторите нудат вода за пиење, места за седење, тоалети, а дел од нив се достапни и за домашни миленици.
Првата фаза опфаќа 12 вакви локации, најмногу во округот Ниув-Вест, кој е означен како најризичен за време на екстремни горештини.
Истовремено, многу училишта воведуваат „тропски“ распоред – пократки часови, повеќе паузи, дополнителна вода и засилена вентилација. Секоја образовна установа самостојно одлучува кои мерки ќе ги примени.
Франција: Бесплатно кино како засолниште од жештините
Во 10-тиот арондисман во Париз локалните власти обезбедуваат бесплатни билети за климатизирани кина за лица помлади од 25 и постари од 65 години.
Во повеќе француски градови музеите и библиотеките се користат како засолништа од топлината, а во Лион привремено е укината влезницата за градските музеи.
Во меѓувреме, нагло порасна побарувачката за „Блан де Медон“ – бел прав на база на креда кој се нанесува на прозорците за да ја намали сончевата топлина во домовите.
Шпанија: Бесплатни базени и климатски засолништа
Во Арагон и други делови од земјата јавните базени работат со намалени или целосно укинати цени. Во Логроњо, каде се очекуваат температури до 40 степени, влезот во базените е бесплатен, а градските фонтани ќе работат до доцна навечер.
Поставени се и водени прскалки на повеќе јавни локации, додека низ државата функционираат таканаречени „климатски засолништа“ – климатизирани јавни објекти отворени за сите граѓани.
Поради опасност од пожари, дел од градовите ги откажаа традиционалните огнови и огномети за празникот Свети Јован Крстител.
Италија: Помош за работниците и препорака – повеќе тестенини, помалку месо
Во Италија сè повеќе градови се под црвено предупредување поради екстремните температури.
Владата повторно активираше мерки што им овозможуваат на компаниите привремено да ја намалат или прекинат работата на најизложените работници, со државна финансиска поддршка.
Во Палермо туристичките кочии ќе сообраќаат само во посвежите часови, додека во Рим и Торино јавните простори се разладуваат со големи вентилатори и водени прскалки.
Министерството за здравство препорачува полесна исхрана, повеќе тестенини и течности, а помалку месо, кафе и алкохол.
Белгија: Испити во цркви и повлечени возови без клима
Белгија очекува најсилниот удар на топлотниот бран во наредните денови, со температури што би можеле да ги соборат рекордите поставени уште во 1947 година.
Некои постари приградски возови без климатизација се повлечени од сообраќај, а железницата воведува дополнителни линии кон крајбрежјето.
Во бриселското предградие Тервурен, учениците ги полагаат испитите во црква, каде условите се значително посвежи отколку во училишните згради.
Германија: Бермуди за поштарите и предупредувања за пожари
Германија се подготвува за температури до 40 степени, особено во западниот и југозападниот дел од земјата.
На поштарите им е препорачано да носат заштитна облека и капи, а компанијата DHL им овозможи да нарачаат службени бермудски шорцеви како дел од летната опрема.
Властите предупредуваат и на зголемен ризик од шумски пожари, додека спасувачките служби апелираат граѓаните да бидат внимателни при капење по неколкуте трагични давења изминатиот викенд.
Воедно, германската здравствена осигурителна компанија DAK отвори телефонска линија за совети и помош за полесно справување со екстремните горештини.



















