Еве зошто не треба да бегате од проблемите

268

Поголемиот дел од луѓето имаат проблем да се справат со проблемите, па поради тоа одлучуваат да ги избегнуваат и едноставно да побегнат од нив. Вистината е дека од проблемите не можете да избегате и колку повеќе ги игнорирате тие толку повеќе се зголемуваат и ви претставуваат поголем терет.

Во некои ситуации можете да ја искористите оваа тактика. На пример, секогаш можете да дадете отказ и да најдете нова работа, можете да го смените партнерот, да се преселите во друг град, да најдете ново друштво… едноставно да се правите како ништо да не се случило и да не се трудите нешто да направите. На тој начин создавате различни илузии и изговори, дека вие не сте криви, дека сте жртва, дека ситуацијата не е толку сериозна и дека може да се реши сама по себе. Секоја личност може лесно да се навикне на сè и да прифати сè, само за да не се соочува со реалноста. Но, кога ги правите овие работи вие се затварате во себе, го намалувате кругот околу вас и едноставно влегувате во комфорна зона, од која потоа може да ви биде многу тешко да излезете. Сите овие работи можат многу лошо да влијаат врз вашиот карактер, самодоверба, чувства и едноставно да направат да полудите. Секој пат кога ќе дојде момент да направите нешто, тогаш ќе се чувствувате анксиозно, како да сте во депресија и едноставно нема да бидете во состојба да се справите со каква било ситуација.

Многу е важно да се соочувате со реалноста, а бегањето од проблемите прави да заборавите дека таа постои. Сите работи треба да ги правите сами, бидејќи никој друг не може да ги направи за вас. Буквално никој. Другите луѓе можат да ви помогнат, да ве сакаат, да ви дадат поддршка, стручна помош и совет, но вие сте таа личност која треба да превземе нешто и да го направи последниот чекор. Проблемот е во тоа што, поголемиот дел од луѓето кога бегаат од проблемите, сметаат дека прават нешто за себе, силно веруваат во тоа, но не сфаќаат дека нема да добијат позитивни резултати. Всушност, избегнувањето на проблемите е полесна опција, бидејќи луѓето не сакаат да одат по потешкиот пат, односно да се соочат, процесираат, наоѓаат решение и компромиси, да се потрудат да го решат проблемот, да се освестат и да работат на себе. Но, каде и да отидете, како и да се свртите, проблемот е тука со вас.

Избегнувањето на проблемот е трчање во круг. Можеби кругот ќе трае една, две или повеќе години, но кога ќе го затворите, ќе се најдете во ситуација која започнува нов. Можеби ќе влезете во нова љубовна врска и ќе сметате дека тоа е вистинската љубов. Можеби ќе почнете да работите на ново работно место и ќе се чувствувате како да е од соништата. Можеби ќе отидете да живеете во странство со идеја дека никогаш повеќе нема да се вратите. И одеднаш, сè ќе почне да се одвива по истото сценарио. Почнуваат проблемите во врската, проблемите на работното место, проблеми со живеењето во друг град или држава и со тоа повторно почнувате да се чувствувате како да сакате да избегате и кривицата ја барате во другите луѓе.

Не дозволувајте вашиот живот да биде постојано со бегање и игнорирање на работите. Понекогаш проблемите не се толку големи, но тоа ќе го сфатите откако ќе се потрудите да ги решите. Бидете храбри и веднаш почнете со промени. Соочете се со сè и со сите. Разговарајте, размислувајте, соочете се со вашите стравови, запознајте се себе подобро, кои се вашите вистински желби и цели. Желбата и намерата ќе ви помогнат да стигнете до првиот чекор и да станете свесни дека сте незадоволни и дека не можете повеќе да живеете по тоа сценарио. Гледајте ги работите подлабоко и повеќе чувствувајте. Кога ќе почнете да се соочувате со проблемите, тогаш вистински ќе почнете да живеете.