Еве како да се ослободите од професионалниот стрес

1724

Секој втор работник страда од професионален стрес, а повеќе од 70% од нив чувствуваат директни последици и врз здравјето.

Доколку забележувате дека непрекинато сте изморени, напнати, раздразливи и се чувствувате болно, тогаш без сомнение се работи за професионален стрес.

Многу луѓе не се ни свесни за оваа состојба, која често е предизвикана од работа во нездрава средина, лошо осветлени простории, неисправна вентилација, напорни и непријатни колеги и лоши односи меѓу работниците.

Решенија за ваквата ситуација има, но треба самите да дефинирате до каде сакате да одите. Најпрво, ослободете се од ирационалните очекувања, било да си ги наложувате самите или пак да се зададени од претпоставените. Бидете обѕирни кон колегите, но научете и да кажете „не“.

Сите кои работат се адекватно (помалку или повеќе) платени за нивните работни задачи и поради тоа е добро да не преземате премногу обврски врз себе бидејќи многу е веројатно дека ќе помине незабележано, па дури и без знак на благодарност.

Ценете се себе и своето време, покажете став, немојте секогаш да бидете целосно на располагање и почитувајте си ги сами работничките права. Со добра организација на времето ќе можете да ги завршувате сите задачи и да ви остане слободно време.

Најважната точка во целата ситуација е да го разграничите приватниот живот од професионалниот. Тоа значи дека кога сте дома, треба да заборавите на работата, но и кога сте на работа, целосно посветете се на тоа професионално да го одработите денот.