Како миграциите го променија Скопје ! Иселувањето на Турците и доселувањето од Косово и Санџак го обликуваа денешниот град

4015

Скопје повеќе од еден век бележи постојан демографски раст, а заедно со него се менува и етничката структура на градот.

Од околу 47.000 жители во 1914 година, главниот град до пописот во 2002 година пораснал на повеќе од половина милион жители. Историските истражувања покажуваат дека најголемите демографски промени се случиле во текот на 1950-тите години.

Истражувањето на историчарот д-р Борче Илиевски, професор на Филозофскиот факултет при УКИМ, посочува дека пресудно влијание врз етничката слика на Скопје имале иселувањето на турското население во Турција и истовременото масовно доселување жители од Косово, Метохија, Санџак и од други делови на Македонија.

Иселувањето на Турците ја промени етничката структура

Во периодот од 1948 до 1961 година населението на Скопје се зголемило за речиси 80.000 жители. Во исто време, по 1953 година нагло пораснал бројот на барања за отпуст од југословенско државјанство, што било предуслов за иселување во Турција.

Само во 1954 година биле поднесени 17.396 барања за отпуст од државјанство, а во Скопската околија во текот на 1954 и 1955 година биле поднесени повеќе од 14.000 барања, од кои најголемиот дел од жителите на Скопје.

Истражувањето наведува дека масовната продажба на имот од страна на Турците ја натерала државата да преземе мерки за откуп на дел од куќите и земјиштето, но тие активности имале ограничен ефект.

Масовно доселување од Косово и Санџак

Паралелно со иселувањето, Скопје станало главна дестинација за доселеници од Косово и Санџак.

Според податоците, речиси 90 проценти од сите доселеници од овие области кои пристигнале во Македонија меѓу 1951 и 1956 година се населиле токму во Скопје. Официјално биле регистрирани повеќе од 14.000 нови жители, додека тогашните власти проценувале дека реалниот број бил значително поголем.

Новодојденото население најчесто се населувало во старото градско јадро и во периферните населби, каде што често живеело во супстандардни услови. Брзата миграција предизвикала и сериозни урбанистички, економски и социјални проблеми.

Пописот од 1953 година открива интересен феномен

Илиевски посочува дека пописот од 1953 година треба да се толкува внимателно. Голем број Македонци муслимани и дел од Албанците се изјасниле како Турци, бидејќи тоа им го олеснувало процесот на иселување во Турција.

Како пример се наведуваат селата Рашче, Крушопек и Брест, каде што значителен дел од албанското население на пописот се декларирало како турско.

Земјотресот дополнително го забрза растот

По катастрофалниот земјотрес во 1963 година Скопје било прогласено за „отворен град“, што предизвикало нов бран доселувања од различни делови на Македонија и тогашна Југославија.

Во 1961 година градот имал 165.529 жители, од кои 66,3 проценти биле Македонци, 8,8 проценти Турци и 6,7 проценти Албанци. Демографскиот раст продолжил и во наредните децении, а до пописот во 2002 година бројот на жители достигнал 506.926.

И денес Скопје останува најголемиот миграциски центар во државата. Истражувањето на професорот Борче Илиевски покажува дека токму миграциските бранови од средината на минатиот век во голема мера го обликувале современиот етнички и демографски лик на македонската престолнина.