Едноставно решение за сериозен проблем ! Научниците развиле потенцијално решение за секој што го изгубил гласот

928

На крајот, алгоритмот успеал да препознае која реченица ја кажуваат учесниците на тестот со повеќе од 90 проценти точност.

Секоја година милиони луѓе ширум светот го губат гласот. Некои поради повреди, други поради болест, трети поради психички проблеми. Повеќето од нив го компензираат недостатокот на глас со други форми на комуникација, ако е можно.

Но, група истражувачи од биоинженерството од University of California, Los Angeles, развиле едноставно решение кое би можело да ја врати гласовната комуникација на многумина.

Како што изјавиле во нивната студија објавена во списанието Nature Communications, тие дизајнирале и тестирале мекан фластер, кој едноставно е залепен за вратот на личност која го изгубила гласот. Сензорите во лепенката ги доловуваат движењата на мускулите и користат алгоритми за машинско учење за да ги преведат овие движења во говор.

Уредот што го развиле се уште е во фаза на прототип, но има потенцијал значително да го подобри животот на луѓето кои го изгубиле гласот. Се заснова на принцип познат како магнетоеластичен ефект – кога магнетните наночестички се вградени во меки материјали како што се еластичните или силиконските полимери, нивните магнетни својства може да се променат како што материјалот се растега.

Кога се вградени во лепенка со раб од бакарни калеми, кои создаваат магнетно поле во заднина, сензорите можат прецизно да ги забележат движењата како варијација во однос на позадината.

За време на тестирањето, осум учесници носеле фластери и ги кажале истите реченици. Научниците ги снимиле движењата со помош на фластерот и потоа тренирале модел за машинско учење да препознава различни форми на електрични сигнали и да ги усогласи со изговорената реченица. На крајот, алгоритмот успеал да препознае која реченица ја кажуваат учесниците на тестот со повеќе од 90 проценти точност.

Иако лепенката покажала одлични резултати, научниците предупредуваат дека треба уште многу да се работи на неа пред да биде подготвена за поширока употреба. Имено, лепенката (фластерот) засега ги препознава само фразите на кои е тренирана, и тоа според движењата на гласните жици на осумте учесници во истражувањето.

За да може да се користи во поширока популација, треба да се прилагоди на секој поединец, а за тоа научниците ќе треба да соберат многу повеќе податоци и да го обучат алгоритмот да препознава многу повеќе различни движења.

Но, покажале дека е можно, што треба да им даде надеж на сите оние кои го изгубиле гласот, дека можеби во иднина повторно ќе зборуваат нормално.

Извор: Nature Communications