Дигитални скенирања открија нови љубовни пораки и скици на ѕидовите на Помпеја

595

Современа технологија откри десетици досега невидени натписи на еден од најпознатите археолошки локалитети во светот.

Археолозите во Помпеја направија неочекувано откритие на локација што со децении се сметаше за темелно истражена. Со помош на напредни дигитални техники, научниците идентификуваа околу 300 натписи, од кои дури 79 претходно биле целосно невидливи.

Меѓу новооткриените траги на ѕидовите има љубовни пораки, сцени од гладијаторски борби, навреди, но и лични, секојдневни признанија. Сите тие биле врежани во малтерот и со векови останале скриени од човечкото око.

Град замрзнат во времето

Помпеја, некогаш просперитетен римски град во близина на Неапол, бил уништен и закопан под вулканска пепел по катастрофалната ерупција на Везув во 79 година од нашата ера. Токму таа трагедија овозможила извонредно зачувување на зградите, предметите и графитите.

Градот бил повторно откриен во 18 век и денес претставува едно од најзначајните археолошки наоѓалишта во светот.

Тајните на коридорот

Најновите откритија се пронајдени во долг коридор што ги поврзувал театрите во Помпеја со прометната улица Виа Стабијана. Овој простор бил познат и истражен уште пред повеќе од 230 години, но новата технологија покажала дека неговите ѕидови кријат многу повеќе приказни.

Истражувачите користеле техника позната како Сликање со трансформација на рефлектансата (RTI), која создава серија фотографии со различни агли на осветлување. Со оваа метода станале видливи бледи гребнатини и траги кои со векови биле избришани од ерозијата.

„Шепоти на коридорите“

Проектот, наречен „Шепоти на коридорите“, го реализирале научниците Луј Отен и Елоиз Летелие-Тајфер од Универзитетот Сорбона во Париз, заедно со Мари-Аделин Ле Генек од Универзитетот во Квебек, во соработка со управата на Помпеја.

„Оваа технологија е клуч што отвора нови врати кон античкиот свет“, изјави Габриел Цухтригел, директор на археолошкиот комплекс. Според него, повеќе од 10.000 познати натписи во Помпеја претставуваат непроценливо културно наследство.

Дигитална иднина за античките графити

Тимот работи и на развој на 3Д платформа што ќе комбинира фотограметрија, RTI податоци и епиграфски информации. Целта е да се овозможи целосна визуелизација, анализа и означување на античките графити, со што секој врежан збор или цртеж ќе добие нов живот во дигиталната ера.