Човечката ДНК содржи антички вируси кои ни помагаат во борбата против ракот

1302

Древните генетски упатства повеќе не можат да оживеат цели вируси, но можат да создадат фрагменти од вируси кои се доволни за имунолошкиот систем да согледа вирусна закана.

Моштите на антички вируси кои поминале милиони години криејќи се во човечката ДНК му помагаат на телото да се бори против ракот, откриваат научниците.

Студијата на Институтот Francis Crick покажа дека заспаните остатоци од овие стари вируси се будат кога клетките на ракот ќе излезат од контрола. Ова ненамерно му помага на имунолошкиот систем да го насочи и нападне туморот, објави BBC.

Тимот сака да го искористи ова откритие за да дизајнира вакцини кои можат да го подобрат лекувањето на ракот или дури и да го спречат.

Научниците воочиле врска помеѓу подоброто преживување од рак на белите дробови и дел од имунолошкиот систем, наречени Б-клетки, кои се собираат околу туморот.

Б-клетките се дел од нашето тело што произведува антитела и се попознати по нивната улога во борбата против инфекции, како што е коронавирусот.

Што точно овие клетки му правеле на ракот на белите дробови било мистерија, но серија сложени експерименти со примероци од пациенти и тестови на животни покажале дека тие сè уште се обидуваат да се борат со вирусот.

Се покажа дека антителата ги препознаваат остатоците од она што се нарекува ендогени ретровируси, рече проф. Julian Downward, вонреден директор за истражување на Институтот Francis Crick.

Ретровирусите имаат способност да вметнат копија од нивните генетски инструкции во нашите. Повеќе од 8 проценти од она што го сметаме за „човечка“ ДНК всушност има такво вирусно потекло, а некои од овие ретровируси станале дел од нашиот генетски код пред десетици милиони години и се споделуваат со нашите еволутивни братучеди, големите мајмуни. Други ретровируси можеби влегле во нашата ДНК пред илјадници години.

Некои од овие страни упатства се преземени со текот на времето и служат за корисни цели во нашите ќелии, но други се строго контролирани за да се спречи нивното ширење.

Меѓутоа, внатре во клетката на ракот, кога таа неконтролирано расте, владее хаос и се губи претходно цврстата контрола на овие древни вируси.

Овие древни генетски упатства повеќе не можат да оживеат цели вируси, но можат да создадат фрагменти од вируси кои се доволни за имунолошкиот систем да согледа вирусна закана.

Имунолошкиот систем е измамен да верува дека клетките на туморот се заразени и се обидува да го елиминира вирусот, така што тоа е еден вид алармен систем, рече професорот George Kassiotis, шеф на ретровирусна имунологија во биомедицинскиот истражувачки центар.

Антителата ги стимулираат другите делови на имунолошкиот систем да ги убијат „инфицираните“ клетки. Имунолошкиот систем се обидува да го запре вирусот, но во овој случај ги отстранува канцерогените клетки.

  • Професорот Kassiotis вели дека тоа е извонредна промена на улогата на ретровирусите кои, во нивниот најславен период, „можеби предизвикале рак кај нашите предци“ поради начинот на кој ја напаѓаат нашата ДНК, но сега нè штитат од рак, „што тој смета дека е фасцинантно“.

Студијата, објавена во списанието Nature, опишува како тоа се случува природно во телото, но научниците сакаат да го засилат ефектот со развивање на вакцина која ќе го научи телото како да лови ендогени ретровируси.

Ако можеме да го направиме тоа, тогаш можете да размислувате не само за терапевтски вакцини, можете да размислувате и за превентивни вакцини, рече проф. Kassiotis.